Една од позначајните изложби што и се случува на современата ликовна сцена во земјава, е отворањето на монографско-ретроспективната изложба на сликарот Спасе Куновски, во Даут пашиниот амам во Скопје.
Куновски е еден од водечките интелектуалци и модернисти по Втората светска војна, заслужен за современиот тек на државата, кој од Дебар, преку Охрид со семејството доаѓа во Скопје, каде што го завршува Средното уметничко училиште, се разбира кај Мартиноски и Личеноски, а потоа оди во Загреб на студии, каде што дипломира во 1953 година, во класа на сега прочуени уметници, и кај едни од највлијателните професори за современата европска уметност како што е Хегедушиќ. Има многу студиски престои во Франција, Италија, Велика Британија, Шведска, во Грција. А, е еден од тогашните југословенски сликари кој ја претставува Југославија на најпрестижните ликовни манифестации во Сао Паоло, во Брисел, Романија, во Леверкузен. Наградуван е од сите страни, во тогашна Југославија и во светот, а живеел само 48 години (1929-1978).
Кустоси на овој значен проект со современата македонска уметност од Националната галерија на Македонија се Ана Франговска и Маја Неделковска Брзанова, кои велат дека особено тешко во процесот на изготвување на изложбата беше лоцирањето на сликите. Куновски велат, има околу 240 слики, што и не е така мал број за неговиот животен век, но не може да им се најде трагата на сите, па заедно со семејството имаат евидентирано околу половина од творештвото на еден од најпознатите надреалисти на македонското современо сликарство. Сега се изложени 75 дела.
Скромното семејство, сопругата Нада и ќерките, сликарките Соња и Јана Куновски располагаат со голем дел од неговите дела. Госпоѓа Нада, како што вели Франговска во монографијата, го чува ателјето на Куновски како црква, и таму е речиси се исто како во времето кога тој работел. Госпоѓа Нада која не сакаше медиумски да се експонира додаде: „Не очекував дека ќе доживеам ваква изложба, да ги видам вака на купче сите овие слики на едно место“. Истото го рекоа и ќерките кои на многу млада возраст го изгубиле таткото, па со солзи во очите велат дека некои од делата и самите прв пат ги гледаат.
„Горди сме и среќни што се случи оваа изложба, по 40 години молк за творештвото на Куновски. Се потврдува дека колку и да сакаме некои вредности од нашата современа култура да ги поттиснеме, едноставно е неможно. Се потврдува дека се тие релевантни, важни и влијателни во нашата историја, како што беше генерацијата на нашиот татко, во сите уметнички сфери“, велат ќерките Куновски.
Госпоѓа Нада додава оти таа не отуѓила ниту ливче од Спасе, никаква белешка, цртеж, слика, а на прашањето колку беше Куновски мрачен со оглед на депресивната атмосфера во неговите слики, Нада вели:„Нееее, тој личеше дека е серт човек, а беше мек како јагне, меко душиче. Добрината го уби“.
Политиката, вели Франговска во ексклузивната монографија, често му се приближувала на Куновски, но тој вешто ја избегнувал ценејќи дека уметноста е единствена со која имал дефинирана релација со полно знаење.
Во монографијата се поместени текстови со рецензии на истакнати историчари на уметност од Југославија и од земјава, и едно интревју со Славко Јаневски во кое што тој го прашува Куновски да го опише неговиот тип на човек, на што Спасе вели:„Достоинствен, креативен, човекољубив, и смел. Јаневски:„ А, античовек?“. На тоа Куновски вели:„Оној што им пакости на средината, на прогресот, на иднината“. Во истото интервју, Куновски вели оти тешко се одделува од сликите за пари, а за критиката во уметноста вели дека тешко се одделува од аналфабетизмот и плагијатот, а за сето тоа јавноста молчи.
Спасе Куновски е дефиниран како еден од најважните надреалисти, фигуративци во современата македонска уметност, тој е еден од ретките што сонува со отворени очи. Слика реалност лишена од евтин и наместен оптимизам, тој е мајстор за создавање атмосфера на изгубеност, пустош, на креирање пејзажи од соништа. Тоа се цитати од теоретичарите, но на отворањето на изложбата која треба да се види во Даут пашин амам, беше речено дека е ова сликарство кое е актуелно и денес, а дека стравовите од војните и од преселбите на Куновски едноставно се безвременски и болни.