Реномираниот италијанскиот писател Клаудио Магрис вчеравечер се претстави пред скопската публика во новоотворената книготека „Арс Студио“. Добитник на најпрестижната италијанска награда „Стрега’’ за делото „Микрокосмоси“, Магрис ги промовираше и се потпишуваше на делата „Запрена постапка“, „Друго море“ и „Микрокосмоси“ во издание на „Арс студио“ на македонски јазик.
На промоцијата беа пренесени делови од неговиот најнов роман „Запрена постапка“, базиран на вистинит настан во Трст, а Трст е она што е заедничко и за авторот и за преведувачот на македонски јазик, Марија Грација Цветковска – тоа е нивниот роден град.
Посетителите имаа можност да слушнат извадоци од делото „Друго море“, прочитани од авторот на оригинален јазик и од преведувачот, Анастасија Ѓурчинова на македонски. Обраќање за Клаудио Магрис, кој во 2007 година бил во најтесниот избор за Нобелова награда за литература, и за неговото значење во италијанската, европската и светската литература имаше и италијанскиот амбасадор Карло Ромео.
Најголем дел од насловите во „Арс Студио“ се за првпат преведени на македонски јазик, а книготеката располага и со сопствени изданија преведени на македонски јазик на најголемите филозофски мислители – Хегел, Кант, Ниче, Расел, врвни психолози и реномирани историчари. Има и огромен избор на најнови книжевни изданија од домашни и странски автори.