Кијану Ривс по повеќе од 15 години ќе ја репризира улогата на хакерот Нео, откако беше потврдено дека ќе се снима четврти дел на култната научно-фантастична трилогија „Матрикс“. Освен Ривс, во новото продолжение се враќа и Кери Ен-Мос, а коавторот на франшизата Лана Вашовски ќе биде сценарист, режисер и продуцент.
Косценаристи се босанскиот писател Александар Хемон и Дејвид Мичел, кои претходно работеле со Вашовски на „Сенс∞“.
Прославувајќи го враќањето на „Матрикс“, Вашовски кажа дека „многу идеи од филмот денес се уште порелевантни“.
„Не можеме да бидеме повозбудени околу ова. Лана е вистински визионер и оригинален филмаџија и ние сме возбудени што таа ќе го прави ова ново поглавје“, изјави шефот на студиото „Ворнер брос“, Тоби Емерик.
„Матрикс“ предизвика револуција во жанрот кога излезе во 1999 година, освојувајќи четири оскари, а во 2003 година следеа две продолженија.