„Вог“ ја именуваше Клое Мал – ќерка на славната актерка Кендис Берген и прочуениот француски режисер Луј Мал – за нова глава уредничка. Таа ја презема функцијата од легендарната уредничка Ана Винтур, која објави дека се повлекува во јуни откако го водеше изданието 37 години.
39-годишната Мал претходно беше уредничка на Вог.ком (Vogue.com) и водителка на подкастот „The Run-Through with Vogue“. За неа првпат се шпекулираше минатиот месец дека е фаворитка за наследничка на Винтур. Се очекува таа да ја преземе улогата пред Неделата на модата во Њујорк, која ќе се одржи од 11 до 16 септември.
Назначувањето означува сеизмичка промена во списанието, бидејќи мандатот на Винтур во текот на речиси четири децении ги редефинираше и „Вог“ и модното издаваштво. 75-годишната Винтур ќе остане глобална главна директорка за содржини на „Конде Наст“ и глобална уредничка директорка на „Вог“.
„Се двоумев кога се пријавив на интервјуто за функцијата, бидејќи модата не е еден од моите главни интереси во животот, а сакам да пишувам повеќе отколку да бидам уредничка, но бев толку заведена од машината на ‘Вог’ што не можев да одолеам“, рече Мал.
Мал се искачи низ рангот на библијата на модата – од уредничка за социјални медиуми до водителка на подкаст и уредничка на онлајн изданието. Таа е новинарката која го обезбеди есклузивното известување од венчавката на Наоми Бајден во 2022 во Белата куќа и интервјуто со Лорен Санчез пред нејзината венчавка со Џеф Безос, а наскоро ќе го обликува светот на модата.
Раното детство Мал го поминала во Лос Анџелес, каде што мајка ѝ ги преселила од Њујорк кога таа имала три години за да ја снима хит серијата „Марфи Браун“. Татко ѝ, режисерот номиниран за Оскар Луј Мал, живеел во Франција затоа што „не сакал да живее или да работи во Холивуд“, рече Берген во интервју за „Далас њуз“ во 2015. Режисерот патувал помеѓу Париз и Лос Анџелес секој втор месец за да ги посети сопругата и ќерката.
Откако накратко размислувала за кариера во јавното здравство, Мал добила пракса во „Њујорк обзервер“, а подоцна била вработена да известува за недвижности. Оттаму, како фриленс-новинарка пишувала во рубриката за стил на „Њујорк тајмс“, а потоа и во „Вог“. Нејзиниот голем пробив дојде во 2011, кога стана уредничка за социјални медиуми во „Вог“.