Наградата „Златна Буба Мара на популарноста“ за животно дело оваа година оди кај ансамблот „Мањифико“, соопштија од Радио Буба Мара. Наградата ќе биде врачена на приредбата на 20 февруари во Метрополис арената во Скопје.
Ансамблот бил формиран во 1959 година и постоел до 1990 година. Го формирале Пантелеј Кочовски-Панче и Крсто Таушанов, ученици во Средното музичко училиште во Скопје, додека биле на младинска работна акција во Демир Капија, најужната делница од автопатот Братство-Единство за да настапат на приредба. Од бригадирите им се приружил Сергеј Поповски, гитарист, исто така, ученик во Музичкото училиште. Набргу, на местото на Сергеј доаѓа Димитар Томов-Митко, одличен гитарист и вокал, а следната 960 година, во Музичкото училиште ја откриваат Невенка Арсова и нејзиниот раскошен алт. Таа година квартетот го добива името Мањифико.
На четворката, по 10 години и се приклучува и извонредниот гитарист и пејач Петар Галев. Во Мањифико во одредени периоди значајно учество имале и Јане Коџабашија, Миле Лукаров и Миле Барбаровски.
Во текот на 31- годишното постоење Мањифико настапил во 37 земји на сите континенти,имал 3.700 концерти и 600 добротворни настапи, кои ги посетиле преку 7 милиони гледачи.
И дискoграфската продукција на Мањифико е импозантна: 28 мали грамофонски плочи, 5 албуми, 4 аудио касети, 1 видео касета, 3 аудио компакт дискови и 1 DVD, речиси сите продадени во златен или сребрен тираж.
Радиостаниците за Мањифико емитувале 192 емисии, а на 16 ТВ станици се снимени 140 полчасовни и едночасовни шоу програми. Нивниот концертен репертоар е составен од 320 песни, најмногу од латиноамериканско и шпанско поднебје, но и од светски евергрини, како и македонски староградски бисери.
Мањифико настапувал пред претседателот на Југославија Јосип Броз Тито, а неколку пати и пред дипломатскиот кор на тогашната федерација. Мексиканскиот претседател Лопез Матеос, воодушевен од изведбите на Мањифико му подарил комплет мексикански оригинални народни носии.