Филмската монтажерка Олга Лукова-Дончиќ и филмсиот критичар Благоја Куновски-Доре се годинашните добитници на наградата Златен објектив, што Кинотеката им ја доделува на филмските работници кои придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Лукова-Дончиќ (1945) почнала да работи како монтажерка во втората половина на 1960-ите и во следните две децении учествувала во создавањето на 50-ина домашни кратки и долгометражни играни и документарни филмови. Меѓу другите, работела на играните филмови „Македонска крвава свадба“, „Републиката во пламен“, „Црно семе“ и „Македонски дел од пеколот“.
Куновски (1946) е долгогодишен уредник и филмски критичар во МРТВ, основач е на киното Фросина и на Фестивалот на европски филм Синедејс и долги години беше селектор и уметнички директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Член е на Меѓународната федерација на филмски новинари ФИПРЕСЦИ и на Асоцијацијата на европски и медитерански филмски критичари ФЕДЕОРА.