Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје стана дел од Меѓународната комисија на музеи и колекции на модерна уметност (CIMAM), во која членуваат директори и куратори од светски познати музеи, колекции и архиви на модерна и современа уметност.
„МСУ Скопје стана дел од фамилијата на CIMAM. Напорната работа, исклучителната посветеност и грижа за колекцијата, излегувањето на меѓународната сцена и богатата програма беа препознати од страна на CIMAM, единствената меѓународна заедница која ги застапува интересите на професионалците од музеите на модерната и современата уметност. Ова членство дополнително ја зацврстува позицијата на МСУ помеѓу најреномираните музеи на современа уметност во светот“, вели Мира Гаќина, директорка на МСУ.
CIMAM е дел од Меѓународниот совет на музеи, кој има повеќе од 35.000 членови – музејски професионалци. Основана во 1962, целта на CIMAM е да поттикне глобална мрежа на музеи и музејски професионалци од областа на модерната и современата уметност и денес игра клучна улога во растот на секторот. Еднаш годишно одржува конференција и обезбедува грантови за поддршка на кураторскиот и истражувачки развој на поединци.