Професорката од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Маја Бојџиевска ја посвети државната награда „Св. Климент Охридски“ на како што рече, сите невидливи претходнички затоа што таа е единствената жена меѓу вкупно осум добитници што годинава ги добија наградите „Св. Климент Охридски“ и „11 Октомври“.
На денешната свеченост во Собранието, писателот Милован Стефановски, сликарот Мирослав Масин и актерот Рефет Абази ја добија државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2024 во областа на културата и уметноста, а универзитетската професорка Маја Бојаџиевска во областа на воспитанието и образованието.
Наградата се доделува како највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Македонија.
Во име на добитниците на наградата се заблагодари Бојаџиевска и во својот говор го нагласи нееднаквото вреднување на придонесот на жените во овие области и побара тие да го добијат заслуженото место во општеството.
„Зарем навистина мислите дека е тоа реалната слика за постигнувањата на жените во нашата средина? Зарем тоа што мене ми беше делегирана задачата да се заблагодарам со овој говор може делумно или симболички да се покрие суштинскиот придонес на жените во овие општествени полиња?… Тоа, се разбира, мора да се промени – не само со најтешката од сите задачи, онаа што се вика промена на свеста, туку со умни, активни, прогресивни политики, базирани на силна убеденост, базирани на искреност, на градење целосно инклузивен систем на вредности“, кажа професорката Бојаџиевска.
Одлуката за годинашните добитници на наградата ја донел Одбор под претседателство на писателот Томислав Османли кој, во обраќањето за значењето на св. Климент Охридски и неговата просветителска дејност, рече дека тој е епископ и едукатор кој ги обединува религиските и секуларните вредности кои траат до денес.