Утре (4 јуни) во 12 часот во Музејот на Северна Македонија ќе се отвори Спомен-соба на Вера Кличкова (1911-1998), основачка на Етнолошкиот музеј и пионерка во создавањето етнолошки филмови во Македонија. Ќе се прикаже и биографски филм за неа.
Во Спомен-собата се презентирани реставрирани оргинални предмети, документи и лични предмети, како и мебелот од канцеларијата во која Кличкова работела како директорка 26 години.
Во филмот, за значењето и достигнувањата на Кличкова во етнологијата и музеологијата и создавањето на етнолошките филмови зборуваат нејзини современици и колеги, со што, како што велат од Музејот, „се надопoлнува сликата за целосната посветеност и љубовта кон професијата, како и нејзината значајна улога во целокупниот општествен живот во Македонија“.
Автори на филмот се Јован Шурбаноски и Елизабета Конеска. Промотор ќе биде Владимир Ангелов, виш филмолог во Кинотеката на Македонија.
За време на раководството со Етнолошкиот музеј, Кличкова достигнала бројни успеси и придонела за значајни напредувања во организацијата и работата на музејот. Таа вработила млад кадар и се ангажирала за нивно остручување со цел тие да ги совладаат потребните теоретски знаења од областа на етнологија и музеологијата на Етнолошкиот факултет во Скопје. Во тој период била формирана препараторско-конзерваторска лабораторија со работилница. Исто така, била воведена влезна и инвентарна книга за евидентирање на целокупниот етнолошки и музејски материјал, како и формирана стручна картотека во која се внесувале основните податоци за секој обработен предмет.
Кличкова се залагала за ширење на музејската мрежа низ државата. Патувала во поголемите градови – Битола, Прилеп, Штип, Тетово – каде концепциски помогнала за формирање на музеи во истите градови. Таа паралелно се занимавала и со педагошка дејност, одржувајќи стручни предавања од областа на етнологијата и музеологијата. Кличкова се ангажирала за отворање спомен-куќи на познати преродбеници и активисти. Успеала да обезбеди средства и да ја уреди Спомен-куќата на Ѓорѓија Пулевски во Галичник во 1949 година. Во соработка со вишиот кустос Милица Георгиева, во Тетово го уредила Меморијалниот музеј на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија (КПМ).