Отворени се двата конкурса за архитектонските награди кои традиционално ги доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), Голема годишна награда за 2023 и за предлагање можни добитници на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2023. Двете архитектонски награди се афирмација на залагањето за архитектурата во земјава. Рокот за поднесување на апликации и предлози е до 4 декември.
Големата годишна награда на ААМ се однесува на најуспешно реализирано архитектонско дело, каде учесниците – архитекти со завршен VII степен на образование, со пријавување на своите авторски дела за тековната година може да го остварат своето право на учество. Традиционално, наградата свечено му се доделува на лауреатот на крајот на годината, а е под покровителство на претседателот на државата.
Престижната награда „Андреја Дамјанов“ е признание за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градежништвото. Право за поднесување предлог за можни добитници имаат членовите на ААМ, каде оценувањето на кандидатите за добитници на наградата ја врши петчлена комисија, во чии редови е и добитник на наградата „Андреја Дамјанов“. Наградата се состои од плакетата и статуетка со ликот на Андреја Дамјанов, а добитникот станува и член на Архитектонската академија на ААМ.
Од Асоцијацијата велат дека повеќе информации може да се добијат на телефонскиот број: 078 283 831, или на [email protected] .