ПО 33 ГОДИНИ БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР СЕ ВРАЌА НА СТЕРИЈИНО ПОЗОРЈЕ ВО НОВИ САД, СО „БРОД ЗА КУКЛИ“ Е ВО ТРКАТА ЗА НАГРАДИ

    ПО 33 ГОДИНИ БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР СЕ ВРАЌА НА СТЕРИЈИНО ПОЗОРЈЕ ВО НОВИ САД, СО „БРОД ЗА КУКЛИ“ Е ВО ТРКАТА ЗА НАГРАДИБитолскиот театар на 29 мај настапува со „Брод за кукли“ и е единствениот претстaвник од Македонија на фестивалот по повеќе од 20 години. (Фото: Битолски театар)

    По повеќе од три децении, Народниот театар од Битола (НТБ) се враќа во натпреварувачката конкуренција на познатиот театарски фестивал Стеријино позорје во Нови Сад, Србија. НТБ е дел од 69. издание на фестивалот, каде ќе гостуваат еминентни театари од Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Битолскиот театар, кој во официјална конкуренција ќе учествува на 29 мај, е единствениот претстaвник од Македонија по повеќе од 20 години, а ќе ја игра претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ, во режија на Кокан Младеновиќ.

    Последен пат Битолскиот народен театар гостуваше на Стеријино позорје во 1991 со „Подземна република“ на Јордан Плевнеш, во режија на Владо Цветановски, и освои повеќе награди.

    Гостувањето се случува токму во годината кога Народниот театар слави 80 години постоење. На 14 ноември 1944  била прикажана првата театарска претстава на македонски јазик во Македонија, едночинката „Ѓоре Магаревски” од Владо Малески. Јубилејот ќе го прослави со повеќе гостувања надвор од Македонија, но НТБ ќе биде домаќин и на театри од Балканот.

    „Деновиве, Театарот гостуваше со претставата ‘Бакхи- краток преглед на распадот’ во режија на Игор Вук Торбица на Игорови дани во Нови Сад. Потоа, ќе гостуваме повторно во Нови Сад на Стеријино позорје на 29 мај. Ова е гостување на театар од Македонија после повеќе од 20 години во официјална конкуренција на Стеријино позорје, еден од најзначајните фестивали во регионот. Народниот театар од Битола последен пат таму беше во 1991. Во средината на јуни нѐ очекува гостување и на фестивалот Инфант во Нови Сад со претставата ‘Хамлет денот на убиствата’ во режија на Марјан Неќак“, изјави директорот на НТБ Иван Јерчиќ.

    Селекторката на програмата на Стеријино позорје, Ана Тасиќ, за претставата „Брод за кукли“ пишува дека ансамблот на Битолскиот театар суверено го изведува стилизираното дејствие, во драмски и музички делови, во заводливи песни, во целото естетски заокружено обликување на трагичната положба на жената во апокалиптичната патријархалност.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира