Реномираната хрватска актерка Мира Фурлан, како член на меѓународното жири, е среќна што ќе има можност да гледа уметнички филмови на првото издание на независниот фестивал Киненова во Скопје, чија главна селекција се дебија или втори филмови на авторите и ќе се одржи од утре до 9 октомври во Кино Култура и во Кинотека. Отворањето на фестивалот утревечер во 20 часот со „Слава“, втор филм на одличното бугарско дуо Кристина Грозева-Петар Валчанов.
„Најважно ми е што ќе имам шанса да гледам уметнички, авторски филмови, бидејќи живеам во Лос Анџелес и таму немам таква можност. Кога гледам филм, најважно е тој да ме возбуди, да ми значи нешто, и важно ми е што има да каже авторот, а не дали е перфектно направен“, кажа Фурлан на денешната прес-конференција.
За 61-годишната актерка, која над 20 години има успешна кариера во САД, ова е прво враќање во Македонија по 30 години.
„Последен пат бев во Македонија пред 30 години, кога се случи несреќата во нуклеарката Чернобил. Бев на одмор во Охрид и бев изолирана, шетав по шуми и не знаев што се случува, се додека не се качив во авион. Дури тогаш дознав за хаваријата и дека не смеело да излегува на отворено“, раскажа таа.
Фурлан е член на жирито што го предводи Разван Радулеску, еден од најистакнатите сценаристи и автори на новиот романски бран. Тој е сценарист на канскиот победник „4 месеци, 3 недели и 2 дена“ и на берлинскиот победник „Поза на детето“, а ќе одржи и мастерклас во Скопје во петок во 11 часот во Кинотека.
„Скопјани ќе имаат ретка можност во една филмска капсула да го добијат најсвежото творештво во светот. Имаме нови авторски гласови, кои не само што имаат да кажат нешто многу релевантно, туку знаат и како да го кажат тоа. Автори кои длабокомислено и со љубопитност ги истражуваат сите аспекти на човечкото постоење. Имаме силна, свежа и жанровски многу разновидна селекција“, рече Марина Костова, селектор на главната програма.
Во Главната селекција за наградите најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, и најдобар филм според публиката ќе се натпреваруваат 8 филмови: возбудливата студија на посткомунистичкото милје „Слава“, документарецот за масовна гробница откриена близу Белград „Длабочина 2“ на Огњен Главоњиќ од Србија, личната драма на тинејџерка што очекува бебе „Фаќање“ на Мика Маги од САД, експерименталната психодрама „Прекин“ на Јоргос Зоис од Грција, социјалната комедија „Два лоза“ на Паул Негоеску од Романија, крими-драмата „Бафало“ на Кавех Сајад Хосеини од Иран, роуд муви приказната за пријателство „Пат за Ла Паз“ на Франсиско Вароне од Аргентина и драмата за смртта сексот и семејните тајни „Џонатан“ на Пјотр Левандовски од Германија.
Дел од авторите што ќе бидат во конкуренцијата ќе дојдат во Скопје како гости на Киненова и со нив ќе има сесија разговор со публиката по проекциите на нивните филмови. За најдобрите куси филмови исто така ќе одлучува меѓународно жири.