ПОЧИНА ЛЕОНАРД КОЕН, АВТОРОТ НА КУЛТНИОТ ХИТ „АЛЕЛУЈА“

a:1:{s:9:"td_source";s:28:"ЛосАнџелес(АП)

    ПОЧИНА ЛЕОНАРД КОЕН, АВТОРОТ НА КУЛТНИОТ ХИТ „АЛЕЛУЈА“

    Леонард Коен, канадскиот кантавтор, поет, писател и пејач со баритонски глас кој ја спојуваше духовноста и сексуалноста во песни како „Алелуја“, „Сузан“, „Птица на жица“, почина на 82 години, објави неговиот син во четвртокот.

    „Татко ми почина во мир во неговиот дом во Лос Анџелес“, соопшти Адам Коен. „Тој пишуваше до последниот момент со неговата уникатна смисла за хумор.“

    Коен, исто така прочуен како поет, писател и зен-будистички монах, ја претопуваше фолк музиката со помрачна, сексуална нишка што му донесе фанови низ целиот свет, и меѓу колегите музичари како Боб Дилан и Р.Е.М.

    Тој остана многу популарен и во своите доцни 80-ти години, кога гласот му западна во сериозно темни длабочини. Беше на турнеја сѐ до почетокот на годинава, а минатиот месец го објави новиот албум „Сакаш помрачно“. Адам Коен, рече дека татко му починал знаејќи дека го создал еден од неговите најдобри албуми.

    Неговата „Алелуја“ доживеа трансформација од култен хит до современ музички стандард и е речиси неизбежна со прилагодување за видео клипови, ТВ емисии, Јутјуб видеа, хорски концерти.

    Коен, кој еднаш рече дека станал пејач оти не можел да преживее како поет, стана значаен за време на обновата на славата на фолк музиката во 1960-те. Во тие години, тој патувал по фолк настапи со Дилан, Џони Мичел, Џоан Баез и други.

    Неговиот современик Крис Кристоферсон еднаш рече дека би сакал првиот стих на „Како птица на жица“ од Коен да му биде напишан на надгробната плоча.

    Тие стихови ќе бидат совршен епитаф и за самиот Коен: „Како птица на жица, како пијаница во полноќен хор, се обидов на мој начин да бидам слободен“.

    Во родниот град Монтреал синоќа се собираа обожаватели и создадоа мал храм со запалени свеќи пред неговата родна куќа.

    Коен никогаш не изгледаше комотен на сцена ниту на снимање, и сметаше дека тоа е оти подоцна почнал од неговите фолк колеги. „Бев 10 години постар од сите“, изјави еднаш Коен.

    Џуди Колинс, која со песната на Коен „Сузан“ направи хит, еднаш рече дека тој бил толку срамежлив и имал толку трема на првиот јавен настап, што морала со сила да го истера на сцена.

    Како и Дилан, неговиот глас не беше перфектен, но вриеше од емоции. Годинава, Дилан изјави дека најдобрите дела на Коен се „длабоки и веродостојни, мултидимензионални и изненадувачки мелодични“.

    Токму Дилан прв го препозна потенцијалот на „Алелуја“ во 1984, и ја изведе двапати на концерти во средината на 1980-те, еднаш во родната Канада на Коен. Песната помина незабележано кога излезе на независен албум оти матичната издавачка куќа на Коен го одби. Ја имаше исполенто тетратката со околу 80 стихови пред да ја сними песната, за која тој вели дека и покрај религиозните референци за Давид, Батшиба и Самсон, е обид да се даде нерелигиозен контекст на алелуја, израз на пофалба. Коен сними 4 стихови, но му пратил неколку повеќе на Џон Кејл, еден од основачите на „Велвет андерграунд“, кој ја сними „Алелуја“ во 1991 на трибјут албум. Токму верзијата на Кејл стана стандард и ја искористи покојниот Џеф Бакли, чија снимка од 1994 го лансираше културниот феномен на оваа песна.

    Коен во 2008 беше примен во Рокенрол холот на славните и рече дека никогаш не сонувал дека тоа ќе му се случи.

    Коен страдал од напади на депресија целиот живот и понекогаш се обидувал да се извлече од тоа со алкохол и дрога. Роден во еврејско семејство, се сметал и за евреин и за будист. Со децении бил пријател и ученик на зен мајсторот и монах Јошу Сасаки Роши, а од 1994 до 1999 живеел како монах во  зен центарот во Лос Анџелес.

    Во 2004 ја тужеше својата менаџерка откако разбра дека го ограбила за милиони доалри и му останале само 150.000 долари на сметка. Во 2008 добил судска пресуда за отштета од 9 милиони но не можел да ги наплати. Затоа, од финансиски причини,  тргна на речиси петгодишна непрекината светска турнеја, што заврши на почетокот на годинава.

    Коен никогаш не се оженил но има две деца, Адам и Лорка, со уметницата Сузан Елрод. Една од неговите најпопуларни песни од 1967 е „Збогум, Мариен“, напишана за ексдевојката и долгогодишна пријателка Мариен Ихлен. На крајот на јули годинава, Коен добил имејл од пријател кој му кажал дека Мариен е болна од рак . Коен и напишал писмо во кое вели: „Е па, Мариен, дојде време кога сме многу стари и телата ни се распаѓаат и мислам дека дека сум толку блиску зад тебе што ако пружиш рака, ќе ме допреш“.

    Ихлен го добила писмото два дена пред да почине.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира