ПОЧИНА МУЗИЧКАТА ИКОНА КВИНСИ ЏОНС

    ПОЧИНА МУЗИЧКАТА ИКОНА КВИНСИ ЏОНСКако композитор, диригент, аранжер, продуцент, музичар и пејач, Џонс имаше неспоредливо плодна седум и полдецениска кариера (Фото: АП)

    Квинси Џонс, една од најзначајните личности во современата музика, почина на 91 година. Мултиталентираниот музички титан соработуваше со Мајкл Џексон, Френк Синатра, Реј Чарлс и стотици други музичари, а снимаше и музика за филмови и телевизија.

    Публицистот на Џонс, Арнолд Робинсон, изјави дека тој починал во својот дом во Бел Ер во Лос Анџелес окружен од семејството.

    Денеска со скршено срце мораме да објавиме дека починал нашиот татко и брат Квинси Џонс. Иако ова е неверојатна загуба за семејството, го славиме неговиот голем живот и знаеме дека никогаш нема да има друг како него“, објави семејството.

    Како композитор, диригент, аранжер, продуцент, музичар и пејач, Џонс имаше неспоредливо плодна седум и полдецениска кариера. Од детството меѓу уличните банди во Чикаго до најголемите височини на шоу-бизнисот, Џонс беше еден од првите црни извршни директори во САД, оствари успешна кариера во Холивуд и создаде исклучителен музички каталог. Се дружеше со претседатели и светски лидери, филмски и музички ѕвезди, испиша историја како продуцент на еден од најпродаваните албуми на сите времиња „Трилер“ на Мајкл Џексон и го надгледуваше снимањето на песната „Ние сме светот“ (We Are the World) во 1985.

    Листата на награди и почести зафаќа 18 страници во неговата автобиографија од 2001, која денес вклучува 28 награди Греми, една награда Еми и два почесни оскара.

    Џонс ја почнал музичката кариера во џезот како трубач, при што се стекнал со углед соработувајќи со најголемите џезери од 1950-тите. Во 1961 станал потпретседател на дискографската куќа „Меркјури“, по што добил покана да работи и во Холивуд, каде што компонирал музика за речиси 40 филма и добил седум номинации за Оскар. Подоцна се испроба и како филмски продуцент, во што најголемиот успех му беше „Бојата на пурпурот“ од 1985, кој имаше 11 номинации за Оскар.

    Џонс со голема леснотија се снаоѓал во сите музички стилови, па меѓу музичарите со кои соработуваше има и џез великани (Дизи Гилеспи, Каунт Бејзи, Дјук Елингтон), рапери (Снуп Дог), аренби ѕвезди (Чака Кан) и класични пејачи (Френк Синатра, Тони Бенет).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира