ПОЧИНА ВЕЛИБОР ЏАРОВСКИ-ЏАРО, МЕНАЏЕРОТ КОЈ ОРГАНИЗИРАШЕ ПОВЕЌЕ ОД 5.000 КОНЦЕРТИ

    ПОЧИНА ВЕЛИБОР ЏАРОВСКИ-ЏАРО, МЕНАЏЕРОТ КОЈ ОРГАНИЗИРАШЕ ПОВЕЌЕ ОД 5.000 КОНЦЕРТИЏаровски соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди и беше познат како „крал на местенките“ во фудбалот (Фото: СДК.МК)

    По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија, потврди семејството.

    Џаровски соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, но исто така беше познат како „крал на местенките“ во фудбалот, нешто што самиот никогаш не го криеше и отворено зборуваше за тоа.

    Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена се само некои од музичките ѕвезди со кои соработуваше Џаровски и на кои им организираше турнеи. Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и бројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.

    Џаровски остави силен впечаток и во југословенскиот фудбал, каде што, како што самиот призна, наместил повеќе од 80 натпревари во сите рангови на натпреварување, оставајќи зад себе легендарни приказни за тоа.

    „Мене ми е жал што младиве генерации за Џаро знаат само по превари и местење утакмици. Овој човек има направено за оваа држава повеќе од многу политичари. Ги донел најголемите балкански ѕвезди да ја засакаат Македонија толку многу што до ден денес не ја испуштаат во своите интервјуа, муабети, без разлика дали е Здравко Чолиќ, Бора Чорба, Тереза Кесовија, Мишо Ковач“, рече актерот Игор Џамбазов на ланската промоција на книгата „Џаро – живот на коцка“.

    Погребот е утре во 13ч на гробиштата во Ѓорче Петров, Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира