Ендрју Флечер, клавијатуристот и еден од основачите на „Депеш мод“, почина на 60 години, објави групата на социјалните мрежи.
„Шокирани сме и исполнети со огромна тага поради прераното заминување на нашиот драг пријател, член на семејството и колега Енди ‘Флеч‘ Флечер. Тој имаше вистинско срце од злато“, објави групата.
Флечер е роден во Нотингем во 1961 година и се преселил во Бејзилдон на крајот на 1970-ите, каде што ја формирал групата „Композишн оф саунд“ со Мартин Гор и Винс Кларк. По ангажманот на пејачот Дејв Гахан, групата го промени името во „Депеш мод“, која стана еден од предводниците на електронската и синт поп сцена.
По заминувањето на Кларк, Гор стана главниот композитор во групата, која доживеа огромен меѓународен успех во 1980-ите и 1990-ите. Флечер учествуваше во создавањето на сите 14 студиски албуми, а паралелно настапуваше и како диџеј.