РЕНОМИРАНО ИТАЛИЈАНСКО СПИСАНИЕ ГО ВБРОИ МАКЕДОНСКИОТ ПРОЕКТ „СТРАДА БРУТАЛИСИМА“ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ НА ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ

    РЕНОМИРАНО ИТАЛИЈАНСКО СПИСАНИЕ ГО ВБРОИ МАКЕДОНСКИОТ ПРОЕКТ „СТРАДА БРУТАЛИСИМА“ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ НА ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕСписанието „Артрибуне“ е од областа на културата, со 250 соработници  низ светот, со голема читаност, кое објавува информации и детални анализи на  проекти од разни области на културата. (Фото: Принтскрин од онлајн списанието)

    Македонскиот павилјон на Венециското биенале на архитектура, со проектот „Страда бруталисима“ е вброен меѓу десетте најдобри павилјони и павилјони кои не смеат да се пропуштат на годинешната 19. меѓународна изложба, во списаниетоАртрибуне“, соопшти Националната галерија на Македонија (НГМ), кој е носител на проектот.

    Станува збор за онлајн списание, кое има и бесплатна печатена верзија во 55 илјади примероци. Списанието е од областа на културата, со 250 соработници  низ светот, со голема читаност, кое објавува информации и детални анализи на  проекти од разни области на културата.

    Проектот „Страда бруталисима“ (Strada Brutalissima), под кураторство на Благоја Бајковски, е авторско дело на кураторот и тимот составен од Ана Рафаиловска, Невенка Манчева-Аџиевска, Марија Антиќ-Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски. Комесари на изложбата се Маја Неделковска-Брзанова и Фросина Зафировска.

    Носител на проектот е Националната галерија во соработка со Архитектонскиот факултет Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и поддржан од Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

    Од тимот велат дека проектот ја поставува во фокус бруталистичката архитектура на Скопје – уникатен и парадигматичен слој од постземјотресната историја на градот.

    „Главната цел на ‘Страда бруталисима’ е да ја активира архитектонската интелигенција вткаена во бруталистичкото наследство на Скопје. Во овој контекст, улицата (strada) претставува кураторска алатка за обликување на патека на ново архитектонско знаење. Поставката извлекува 10 бруталистички примери од автентичноста на нивниот контекст и ги репозиционира во нова просторна организација, создавајќи ‘концептуална улица на знаењето’. Изложбата е структуирана низ два улични фронта, кои меѓусебно комуницираат и оформуваат линеарен репозиториум на информации и простор за критичко промислување. Првиот фронт е обликуван преку графичките биографии на избраните бруталистички објекти од Скопје кои ја илустрираат сложеноста на нивните архитектонски композиции. Вториот фронт претставува транскрипции на знаења инкорпорирани во овие објекти, надополнети со критички осврти од еминентни македонски и меѓународни архитекти. Во рамките на проектот се поканети значајни имиња од архитектонската дисциплина да дадат свој придонес во форма на критички осврт и куси дефиниции за скопскиот брутализам“, велат од Националната галерија.

    Генералната тема на Биеналето е насловена „Интелигенти. Природни. Вештачки. Колективни“, курирана од италјанскиот архитект Карло Рати. Венециската архитектонска смотра ќе трае од 10 мај до 23 ноември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира