СЕ АНАЛИЗИРААТ ДРВЕНИ ОСТАТОЦИ НАЈДЕНИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ ВЛАХО КОИ МОЖЕБИ СЕ ЕДНИ ОД НАЈСТАРИТЕ НЕОЛИТСКИ НАОДИ ВО ЕВРОПА

    СЕ АНАЛИЗИРААТ ДРВЕНИ ОСТАТОЦИ НАЈДЕНИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ ВЛАХО КОИ МОЖЕБИ СЕ ЕДНИ ОД НАЈСТАРИТЕ НЕОЛИТСКИ НАОДИ ВО ЕВРОПАОваа неолитска населба е една од најстарите од овој период во регионот, но и во Европа. (Фото: Центар за истражување на предисторијата) 

    Дрвени остатоци се откриени во најраните слоеви на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија и ќе подлежат на натамошни анализи за да се утврдaт нивниот вид и нивната точна старост, која би можела да упати на едни од најстарите неолитски дрвени предмети откриени во Европа, соопшти Центарот за истражување на предисторијата. Деновиве завршија теренските истражувања на локалитетот Влахо, кои се одвиваа преку соработка помеѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј Битола.

    „Резултатите се повеќе од импресивни, што и не треба да изненадува, имајќи ја предвид екслузивноста на оваа неолитска населба, која е една од најстарите од овој период во регионот, но и во Европа. Посебен куриозитет се откриените дрвени остатоци во најраните слоеви на населбата, а кои се релативно добро сочувани, имајќи ја предвид сувата средина во која егзистирале. Овие дрвени остатоци, како и археоботаничките примероци ќе подлежат на натамошни анализи за да се утврдат нивниот вид и нивната точна старост“, велат од Центарот.

    Годинава се истражуваше во контролна сонда во западниот дел на локалитетот, со цел да се направи увид во археолошките слоеви и стратиграфската динамика во овој дел од населбата. Истражувањето покажало дека ранонеолитските културни слоеви на овој локалитет се присутни во висина од дури 2.70 метри, што е зачудувачки, со оглед на неговата старост и краткотрајноста на населбите во оваа етапа, велат од Центарот. Тоа значи дека во самите почетоци на неолитот, во Влахо се живеело прилично динамично и долго, што соодветствува и со неговата апсолутна хронологија во периодот од 6400 до 6000 година пред нашата ера.

    Во 70-ината слоеви присутни во археолошката стратиграфија се регистрираше мноштво подови од можни 16 неолитски градби подигани или обновувани една врз друга. Меѓу нив се открија и остатоци од земуници, огништа и помали печки, како и бројни фрагменти од садови, алатки, мелници и намерно кршени животински коски.

    Во втората фаза од проектот ќе се вршат радиојаглеродни, археоботанички, зооархеолошки и дендрохронолошки анализи на органските остатоци и детално ќе се проучува материјалната култура.

    Повеќегодишните мултидисциплинарни археолошки истражувања на локалитетот Влахо се дел од соработката помеѓу стручњаци од Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј Битола, Германскиот археолошки институт, Универзитетот во Белград, Универзитетот во Базел, Институтот Биосенс, Археолошкиот музеј на Македонија и Федералниот институт за технологија во Цирих.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира