СЕ УКИНУВА АГЕНЦИЈАТА ЗА ТУРИЗАМ, ВРАБОТЕНИТЕ ОДАТ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА, А ЌЕ РАБОТАТ ВО ЗГРАДАТА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕНЕРГЕТИКА

    СЕ УКИНУВА АГЕНЦИЈАТА ЗА ТУРИЗАМ, ВРАБОТЕНИТЕ ОДАТ  ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА, А ЌЕ РАБОТАТ ВО ЗГРАДАТА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕНЕРГЕТИКАВработените од Секторот за туризам ќе бидат сместени во зградата на Министерството за енергетика, на првите два спрата. (Фото: К. Попов)

    Се укинува Агенција за поддршка на туризмот и сите постапки и вработени преминуваат во Министерството за култура и туризам, кажа денеска министерот Зоран Љутков.

    Министерот рече дека вчера на пленарна седница во Собранието беше изгласана предлог-измената на Законот за туристичка дејност, според која се реализира тоа што веќе беше најавено, дека ќе се угасне Агенцијата и сите постапки и сите вработени ќе преминат на една адреса, а тоа е Министерството за култура и туризам.

    „Се надевам дека после осумте дена од објавувањето во Службениот весник, ќе пристапиме кон преземање на вработените, на имотот, на сѐ она што поседува Агенцијата. Сите адреси ќе бидат упатени само кон една институција и повеќе нема да се плаќа кирија која ја плаќаше Агенцијата за туризам во Градскиот трговски центар (ГТЦ). Сега се обебедени услови во зградата на Министерството за енергетика, на првите два спрата. Ќе добиеме посоодветни услови, на повидливо место“, рече Љутков.

    Станува збор за 30-тина вработени од Агенцијата кои ќе преминат во Министерството, каде веќе била направена измена во систематизацијата, за сите постапки да завршат побрзо.

    Министерот додаде дека е формирана работна група со претставници од туристичкиот сектор, здруженијата на туристички водичи и високообразовни институции кои ги обучуваат идните професионалци.

    „Донесовме заклучоци за поставување на стандарди за едукација и лиценцирање, за заштита на домашните водичи од нелојална конкуренција, за основање туристичка инспекција со широки надлежности и за зачувување на веродостојноста на нашето културно наследство, кои треба да ги спроведеме“, кажа Љутков.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира