Снимките се од концертите одржани во февруари и јуни 2024 во Кралската концертна сала во Глазгов. За насловната страница на цедето е искористено делото „Пејзаж“ на ликовниот уметник Славчо Спировски.
Албумот доби високи оценки од повеќе меѓународни музички медиуми. Критичарот Џеф Браун од „Би-Би-Си мјузик магазин“ му додели пет ѕвезди. Во својата рецензија, Браун ги издвојува интерпретацијата на воведните делови од Вториот концерт, техничката прецизност на Трпчески и неговата соработка со диригентот и оркестарот. Осврнувајќи се на Петтиот концерт, критичарот го истакнува и завршниот дел од изведбата, по кој следува аплауз од публиката.
Позитивна оценка за албумот даде и францускиот музички магазин „Дијапазон“. Критичарот Пол де Лои наведува дека двете снимки, направени во Глазгов со неколку месеци разлика, ги претставуваат различните аспекти на пијанистичката техника на Трпчески и неговата интерпретација на музиката на Сен-Санс.
„Симон Трпчески уште еднаш докажува дека и’ припаѓа на елитата во својата професија, меѓу оние кои не се потпираат врз вештината за сценски настап, туку на работите им приоѓаат од архитектонска перспектива. Ова е цеде за познавачи кои ја ценат интелектуалната длабочина на музиката и лесно можат да се снајдат без евтини трикови“, вели Дирк Шаус од германски „Онлајнмеркер“.
Уредникот на луксембуршкиот магазин за класична музика „Пицикато“, Реми Френк, ја оцени изведбата со пет ноти. Френк ги издвојува техничката подготвеност, чувствителноста и употребата на различни тонски бои во интерпретацијата.
Како што соопшти Здружението „КултурОп“, Трпчески на 22 октомври ќе настапи во Минеаполис со Оркестарот на Минесота, чиј музички директор е Томас Сондергард, а потоа и на Тенерифе со тамошниот симфониски оркестар. На 2 и 3 ноември, Трпчески ќе настапи во Филхармонијата во Скопје, на двете вечери на „Камерен музички десерт“.