„Снежана на крајот умира“, дебитантскиот игран филм на Кристијан Ристески, од утре игра во Синеплекс, што ќе биде негова кинопремиера. Оваа македонско-кипарска копродукција имаше онлајн светска премиера во јануари на Сламденс во Парк Сити (САД), а потоа беше прикажан на затворањето на неодамнешниот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола.
„Снежана на крајот умира“ е опишан како социјална драма во амбалажа на комедија на апсурд, во која се испреплетуваат животите на една хикикомори уметница, радиоводител со Аспергеров синдром, сопственик на видеотека, филозоф од пред гранапче, креативен директор и гинеколог-антинаталист.
„Составен e од три приказни за три групи луѓе, една мува, едно прасе, една веце шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден на друг“, вели Ристески.
Во актерската екипа се Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски. Сценарист и режисер е Кристијан Ристески, продуцент е Дарко Попов, кинематографери се Димо Попов и Севдије Кастрати, монтажер е Горан Вуќиќ, автори на музиката се Александар Пејовски и Ставрос Макрис, сценограф е Сашо Блажевски, а костимите ги изработи Емилија Ивановска-Атанасовска.
Филмот е снимен со буџет од 405.000 евра и финансиски беше поддржан од Агенцијата за филм и од кипарското Министерството за култура.