На 16 март почнува манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата“ за 2024, кажа денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Програмата започнува со манифестацијата на маски и ритуално палење оган „Сусурига 2024“, по што на 23 март е концертот „Македонско девојче“ на Каролина Гочева, а следниот ден е традиционалната етнолошка манифестација „Невестинско поклонение“.
„Со 3 милиони денари ја поддржуваме Општина Крива Паланка, која ги става во функција сите свои инфраструктурни и човечки капацитети за реализација на манифестацијата Град на културата“, рече министерката.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, на денешната прес-конференција во Музејот на македонската борба во Скопје, рече дeка Општината во соработка со Центарот за култура и со Градскиот музеј, креиралe програма преку која се негуваат традиционалните вредности, се промовира културно-историското богатство на Крива Паланка, се поддржуваат постојните и се иницираат нови манифестации.
До крајот на годината во Крива Паланка ќе има концерти, театарски претстави, книжевни настани, фолклор, традиција, филмска уметност, програма за најмладите, гастрономски специјалитети од регионот.