ТАЊА ЌУРЧИНСКА-ПЕПЕЉУГОСКА НОВ МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИК ВО ЕУРИМАЖ

    ТАЊА ЌУРЧИНСКА-ПЕПЕЉУГОСКА НОВ МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИК ВО ЕУРИМАЖТања Ќурчинска-Пепељугоска пред осум дена е назначена за нов македонски претставник во европскиот фонд Еуримаж од министерот за култура Роберт Алаѓозовски

    Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, реномиран филмски професионалец и сопственичка на некогаш најголемата дистрибутерска куќа „Манаки филм“, е нов национален претставник во европскиот фонд Еуримаж. Како што ни рече в.д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, Ќурчинска-Пепељугоска пред осум дена е назначена за нов македонски претставник од министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

    Еуримаж е фонд на Советот на Европа за копродукции, дистрибуција, прикажување и дигитализација на европските филмски дела.

    Ќурчинска-Пепељугоска доаѓа на местото на досегашната  македонска претставничка и ексдиректорка на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска. Минатата недела, Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Ѓоргоска-Илиевска, по откривањето на случајот со финансирањето на играната серија „Македонија“ во продукција на „Јадран филм“. Ѓоргоска-Илевска се товари дека го оштетила државниот буџетот за 1.105.691 евра.

    Ќурчинска-Пепељугоска е професорка на продукција и монтажа на Универзитетот ФОН во Скопје. Магистрирала продукција на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а била на професионално усовршување на Универзитетот во Лутон, Велика Британија и на практично усовршување во ЕМЕА одделот на филмската компанија „Ворнер брос“. во Лондон. Во нејзината биографија се наведени повеќе учества на домашни и странски семинари и фестивали, како и членство во управни одбори и совети.  Ќурчинска-Пепељугоска беше и координатор на дистрибуција на филмскиот опус на режисерот Милчо Манчевски во Македонија и во странство и извршен продуцент на најголемиот меѓународен проект на Министерството за култура за дигитализација на целокупното творештвото на Манчевски, кое е прогласено за културно наследство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира