ТЕКСТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ НЕОЛИТСКИ КУЌИ ОБЈАВЕН ВО „АРХЕОЛОЏИ МАГАЗИН“, ЕДНО ОД НАЈЗНАЧАЈНИТЕ СВЕТСКИ СПИСАНИЈА

    ТЕКСТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ НЕОЛИТСКИ КУЌИ ОБЈАВЕН ВО „АРХЕОЛОЏИ МАГАЗИН“, ЕДНО ОД НАЈЗНАЧАЈНИТЕ СВЕТСКИ СПИСАНИЈАВо списанието е истакнат обредниот карактер на неолитските куќи кој бил отелотворен токму преку антропоморфните модели на куќи, прво изработени во Пелагонија, а потоа и во останатите региони на Македонија. (Фото: Центар за истражување на предисторијата)

    Прилог за неолитските антропоморфни модели на куќи од Македонија излезе во списанието „Археолоџи магазин“ (Archaeology Magazine), едно од најчитаните светски списанија во областа на археологијата, што претставува врвна афирмација за нашето културно наследство, велат од Центарот за истражување на предисторијата.

    Во списанието е објавен напис за древните модели на куќи ширум светот, со посебен осврт на оние откриени во Македонија. За овој прилог консултиран е археологот Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата, кој во разговор со уредникот на списанието ги акцентирал најважните општествени промени во неолитот и нивните симболички рефлексии врз материјалната култура. Притоа, истакнат е обредниот карактер на неолитските куќи кој бил отелотворен токму преку антропоморфните модели на куќи, прво изработени во Пелагонија, а потоа и во останатите региони на Македонија.

    „Прилогот во ова списание воедно ја образложува и функцијата на антропоморфните модели како комеморативни ламби, користени во чест на основачите на неолитските куќи и на оние кои духовно се грижеле за нив. Прилогот за овие предисториски артефакти од Македонија предизвикува големо внимание меѓу читателите ширум светот, што воедно го демонстрира љубопитството на светската јавност за нивната загадочна улога. Интересот на едно вакво врвно списание за нашите антропоморфни модели, покажува дека тие се соодветно презентирани во истакнати меѓународни публикации од страна на неколку македонски археолози. Сепак, неопходна е уште поголема афирмација и заштита на едни од најуникатните артефакти во Македонија, коишто заслужуваат уште поголемо присуство во светската јавност“, вели Наумов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира