Задоволен сум тоа како работеа националните установи од областа на културата со делегираниот буџет, кој за првпат беше воведен оваа година и уште неколку институции ќе добијат годинава делегиран буџет, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на вчерашната средба со медиумите.
Годинава стартуваше пилот-проектот на Министерството за култура и туризам, според кој 18 установи добија делегиран буџет, а беше најавено дека „со овие промени ќе се создадат услови за поефикасно планирање и реализација на програмските содржини од страна на директорите, поголема автономија, но и поголема одговорност, а на овој начин ќе се истакне и нивната менаџерска способност“. Културните институции имаа за обврска да ги објават годишните програми и со колкав буџет располагаат.
„Ги следев процесите на сите 18 институции. Ова беше еден пилот-проект, за да видиме како тие реагираат на ова, каква одговорност ќе имаат. Морам да кажам дека сум задоволен и во 2026 ќе доделиме делегиран буџет уште на неколку установи, врз основа на анализата што ја направивме за работата на сите 72 национални установи“, кажа Љутков.
Според министерот, она што ја одбележа 2025 година е високото ниво на реализација на Годишната програма, 97 проценти, што, вели, претставува значаен исчекор по подолг временски период.
Најави дека во 2026 буџетот на Министерството ќе биде поголем од годинава за 8,5 проценти и ќе изнесува 5 милијарди 520 милиони и 504 илјади денари, и плус 700 милиони денари наменети за туризам кои ги добивале на посебна сметка.
Б. НЕСТОРОСКА



