ЗА ПРОБИВ НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА ВО СТРАНСТВО, ТРЕБА УПОРНОСТ И ДОБАР ПРЕВОД, ЗАКЛУЧИЈА ИЗДАВАЧИТЕ ВО ФРАНКФУРТ

    ЗА ПРОБИВ НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА ВО СТРАНСТВО, ТРЕБА УПОРНОСТ И ДОБАР ПРЕВОД, ЗАКЛУЧИЈА ИЗДАВАЧИТЕ ВО ФРАНКФУРТЗа поголема промоција, неопходна е национална стратегија донесена на политичко ниво, во која ќе бидат вклучени сите – издавачите, авторите, агентите и преведувачите (Фото: МАИ)

    Во Франкфурт денес заврши 69. издание на Саемот на книга, најважната светска смотра за издавачите. Саемот во Франкфурт ( кој годинава се одржуваше од 11 до 15 октомври), важи за најпосетен и најпопуларен пазар за книги, преговори за права и лиценци,  како и за договори.

    Бројките за саемот на книгата во Франкфурт се: 7.300 излагачи од повеќе од 100 земји, околу 275.000 посетители, повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.000 блогери.

    Годинава почесна земја беше Франција, додека пак Македонија ја претставува Македонската асоцијација на издавачи.

    Германската кацеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон на свеченото отворање на Саемот на книга во Франкфурт. Годинава Франција беше почесна земја. (Фото: Саем на книга во Франкфурт )

    МАИ организираше дебата на тема „Преку границите: предизвиците за меѓународна промоција на литературата на „малите јазици“, со една од најпреведуваните македонски автори и добитник на повеќе награди меѓу кои и Европската награда за литература во 2013, Лидија Димковска, Стефано Бисачи, италијански агент и сопственик на агенцијата „Темпи Иреголари“, Гванца Јобова, потпретседател на Здружението на издавачи од Грузија, Катја Стергар од ЈАК Словенија како и Дарко Фиданоски, од МАИ.
    Учесниците заклучија дека за успешна промоција на литературата, неопходна е е национална стратегија донесена на политичко ниво, во која ќе бидат вклучени сите – издавачите, авторите, агентите и преведувачите.

    Преводот на делата е еден од најважните елементи за презентација на литературата од малите јазици, се согласија сите учесници на дебатата.

    Стефано Биачи, агент кој ги застапува и македонските автори вели дека е многу тешко да се пробијат на странските пазари, потребна е многу работа и упорност, но голема улога игра и добриот превод.

    За македонска писателка Лидија Димковска, „добрите преведувачи се вторите автори на делата“, но додава дека и „наградите, агентите и личните контакти ги отвораат патиштата на домашните автори на меѓународната сцена.“
    Од МАИ додаваат оти во последниве години расте интересот за детската литература меѓу издавачите, а особено барани се авторските дела на млади писатели за деца.

    „Детската литература станува сè побаран производ на странските пазари. Нашите ’Бајки од Македонија’ се преведени на англиски и германски јазик и веќе имаме најави за нивен конкретен пласман, пред сè во Германија“ вели Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина – публикации.“

    Гордана Војнеска од издавачката куќа „Култура“ вели дека според контактите кои до сега ги имала на саемот со странски издавачи, исто така детската литература е една од најбараните производи. „Изненадува интересот кај нашите партнери за книги за деца. Ние веќе имаме успешно промовирани сликовници кои се преведени на англиски и германски јазик, но ова е поттик повеќе да инвестираме на ова поле, бидејќи очекувам овој тренд да расте и во иднина.“

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира