Затвореничките во Казнено-поправниот дом (КПУ) „Идризово“ ќе бидат дел од креативни работилници за стекнување нови вештини, преку инцијативата на модната дизајнерка Ирина Тошева. Во моментов, иницијативата е во почетна фаза, вели Тошева, веќе потпишале меморандум за соработка со КПУ „Идризово“ и постои отвореност, волја и идеи за производи.
„Меѓутоа, додека не се создадат основните услови за работа, не можеме официјално да започнеме со активностите. Ние вложуваме време и ресурси, но сè уште е потребна поддршка за да ги обезбедиме потребните материјали и машини за работа“, вели Тошева за САКАМДАКАЖАМ.МК
Креативните индустрии имаат потенцијал да создадат нови можности за ранливите категории, вклучувајќи ги и осудените лица.
„Со години наназад, преку мојата работа и успешни проекти, докажав дека со креативни ангажмани може да се направи разлика. Организацијата Конект ме поврза со Женското одделение, каде што веќе се спроведуваат мали активности за плетење. Со голем ентузијазам и идеи предложив оваа иницијатива да се прошири и да прерасне во нешто многу поголемо и сериозно. Раководството одговори со отвореност кон моите предлози, и нетрпеливо го очекуваме почетокот“, вели Тошева.
„Во моментов, осудените лица во Женското одделение имаат ограничен пристап до смислени активности или стручна обука, што води до губење на работните навики и намалени можности за реинтеграција по ослободувањето. Целта на иницијативата е да им овозможи стекнување на нови, практични вештини кои ќе ги направат поконкурентни на пазарот на трудот и ќе им помогнат да се реинтегрираат во општеството со намален ризик од рецидивизам. Преку креативниот процес, ќе се поттикне нивниот личен развој, зголемување на самодовербата и чувство на исполнетост. Со ова ќе ги поставиме темелите за социјално претпријатие во КПУ ‘Идризово’, кое ќе биде самоодржливо, ќе им овозможи економска независност на осудените лица таму и долгорочни перспективи за подобар живот по нивното ослободување“, ни рече Тошева.
По објавата на иницијативата на социјалните мрежи, неколку индивидуалци веќе донирале пари, а неколку колеги модни дизајнери и една фабрика најавиле донации во материјали за работа. Сепак, вели таа, за да може да почнат посериозно, потребни им се и машини за шиење.
„Ние сме отворени за соработка и секоја помош ќе ни значи многу. Веруваме дека добрите иницијативи имаат моќ да инспирираат и дека наскоро ќе се вклучат и компаниии, со што заеднички ќе создадеме позитивна промена. Се надеваме дека со поголема видливост и јавна свесност ќе успееме да ги привлечеме потребните средства за да создадеме пригодни услови за работа“, апелира Тошева.
Б. НЕСТОРОСКА