16 КАНДИДАТИ ЗА ИДНИ СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ ОБВИНУВААТ ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА ОТИ ИЗВИСИЛЕ ПОРАДИ МАЛЦИНСКАТА КВОТА, ОД АКАДЕМИЈАТА ВЕЛАТ ДЕКА САМО ПОЧИТУВАЛЕ УСТАВ И ЗАКОН

    16 КАНДИДАТИ ЗА ИДНИ СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ ОБВИНУВААТ ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА ОТИ ИЗВИСИЛЕ ПОРАДИ МАЛЦИНСКАТА КВОТА, ОД АКАДЕМИЈАТА ВЕЛАТ ДЕКА САМО ПОЧИТУВАЛЕ УСТАВ И ЗАКОНСпоред конечната ранг-листа, објавена на 25 јуни, во седмата генерација се примени 40 Македонци, 15 Албанци и 5 од другите заедници. - Од доделувањето на дипломи на претходната, шеста генерација (Фото: Академија за судии и јавни обвинители)

    16 кандидати Македонци за прием на слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, обвинуваат дека се дискриминирани на национална основа откако не се најдоа на конечната ранг листа за прием на 60 кандидати во седмата генерација на Академијата, поради квотата за малцинства. Во писмо до медиумите, кандидатите Македонци кои извисија, велат дека Академијата не смеела да донесе правилник за утврдување на квоти за малцинствата по објавување на огласот и бараат да бидат примени кандидатите со најголем успех од прво до 60. место (тие се рангирани од 40.-60. место), а за кандидатите од малцинствата да има дополнителна квота, како што било направено со претходната, шеста генерација, кога биле примени 30-те најдобри кандидати, плус 7 од малцинствата.

    Според конечната ранг-листа, објавена на 25 јуни, во седмата генерација се примени 40 Македонци, 15 Албанци и 5 од другите заедници.

    „Овој правилник е донесен откако е објавен огласот за прием на 60 слушатели на почетна обука на Академијата за судии и јавни обвинители ‘Павел Шатев’ – Скопје и во никој случај не може ретроактивно да произведе правно дејство за огласот објавен на 15 мај 2019 година, односно истиот може да се примени на некој иден оглас објавен од Академијата. Со самото тоа што оваа измена на Правилникот произвела правно дејство ние кандидатите Македонци и Македонки кои сме од 40-60 место на листата на положени кандидати, сме избришани од листата за слушатели во Академијата и сме директно дискриминирани по национална основа. Во огласот од 15 мај 2019 година јасно стои дека се врши прием на 60 слушатели. Не може одлука донесена после објавување на огласот да биде на штета на кандидатите кои имаат највисок успех последователно од 1. до 60. место. Управниот одбор можел да донесе одлука за проширување на квотата за да се испочитува принципот на правична застапеност откако најдобрите 60 кандидати ќе бидат соодветно рангирани на листата за слушатели како што веќе има воспоставено пракса од претходната генерација во Академијата кога е проширена листата заради правична застапеност на заедниците“, се вели во писмото, потпишано од 14 кандидати.

    Огласот за 60 слушатели во седмата генерација е објавен на 15 мај 2019, додека Управниот одбор на Академијата, одлуката за утврдување на посебна квота за припадниците на заедниците, ја донесе на седницата одржана на 22 јануари 2020 година.

    Од Академијата за судии и јавни обвинители реагираа на обвинувањата и велат дека одлуката за утврдување квоти може да се донесе во кое било време од постапката за приемен испит, од причина што секоја фаза од испитот е елиминаторна. Дополнително, се повикуваат на ставот 1 од членот 10-а од Правилникот за приемен испит, стои дека: „При селекција на кандидатите за прием во почетна обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија“.

    Академијата потсетува и дека во Уставот, во членот 9, стои: „…..соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа….“, а согласно Уставот, членот 9 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ го уредува принципот на соодветна правична застапеност на општ начин. Членот 9 се доуредува преку членот 42-а Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, како и членот 10-а од Правилникот за полагање на приемен испит, додаваат од Академијата.

    „Ве известуваме дека јавниот оглас за прием на 60 слушатели во почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ (Сл. Весник бр.94/19) беше објавен на ден 15.05.2019 година, а подготвителната настава за кандидатите се спроведуваше во деновите 22 и 23 јуни 2019 година, каде што на кандидатите им беа презентирани сите тековни измени на законските и подзаконските акти, со напомена да се следат сите информации по однос на приемниот испит, објавени на веб страната на Академијата, со што навремено беа запознаени со одредбите од истите и со правното дејство кое истите го произведуваат. Со ова, на кандидатите јасно им беше укажана примената на членот 10а од Правилникот за полагање на приемен испит („Службен весник на РМ бр. 77/2015, бр. 195/2015 и бр. 115/2019). Со донесувањето на членот 10-а од Правилникот за полагање на приемен испит е само појаснета и разработена одредбата од членот 9 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ (Службен весник на РМ бр.20/2015, бр.192/15, бр.231/15 и бр.163/2018), а како што е веќе познато, овој член е во важност од донесувањето на основниот текст на Законот во 2015 година, така што неговата приемена во случајот е неизбежна, а одредбата од правилникот истата само ја дообјаснува“, се вели во соопштението на Академијата.

    На крај, од Академијата велат дека доколку не ги испочитувале законските и подзаконските одредби во врска со соодветна и правична застапеност на заедниците кои не се мнозинство, „токму таквото непостапување ќе претставуваше вистински и единствен основ за поништување на огласот, бидејќи само во тој случај ќе се дерогираше една од темелните вредности на уставниот поредок на РСМ“.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира