220 УЧЕНИЧКИ ВО ТЕТОВО И РЕСЕН ЌЕ ДОБИВААТ БЕСПЛАТНИ СРЕДСТВА ЗА МЕНСТРУАЛНА ХИГИЕНА

    220 УЧЕНИЧКИ ВО ТЕТОВО И РЕСЕН ЌЕ ДОБИВААТ БЕСПЛАТНИ СРЕДСТВА ЗА МЕНСТРУАЛНА ХИГИЕНАДонацијата е проект на Здружението Новинари за човекови права и Британската амбасада во Македонија, која следи по фрапантните резулатите од нивното истражување дека Македонија се наоѓа високо на листата на земји кои не успеваат да се справат со менструалната хигиена; - Ричард Малион од Амбасадата, Наташа Доковска од Здружението и Дијана Ценовска, директорка на ОУ „Андреј Савески-Кикиш“ во Тетово на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов )

    Ученичките во основните училишта „Андреј Савески-Кикиш“ во Тетово и „Гоце Делчев“ во Ресен до крајот на годинава ќе добиваат бесплатни пакети со средства за менструална хигиена, а двете школи ќе добијат по еден нов тоалет кој ќе биде опремен според најсовремените светски стандарди за хигиена.

    Донацијата е дел од проектот „Да ја искорениме менструалната сиромаштија“ на Здружението Новинари за човекови права и Британската амбасада во Македонија, која следи по фрапантните резулатите од нивното истражување дека Македонија се наоѓа високо на листата на земји кои не успеваат да се справат со менструалната хигиена.

    „Во Македонија нема ниту едно основно училиште или средно училиште во кое тоалетите се адаптирани за управување со менструална хигиена. Во Македонија 90 отсто од ученичките во руралните средини не одат на училиште 4 до 5 дена кога имаат месечен циклус, додека 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат 2 до 3 дена поради истите причини. Истражувањето покажа дека 19 отсто од девојчињата воопшто не купуваат никакви средства“, вели Наташа Доковска од Новинари за човекови права.

    Ричард Малион, шеф на програма при Британската амбасада во Скопје вели дека недостатокот на пристап до производи за женска хигиена и основни санитарни услови станува епидемија во целиот свет, а Обединетите нации го препознаа тоа како светски проблем на јавното здравје и човековите права.

    Малион кажа дека во Велика Британија, 50 отсто од девојките не одат на училиште за време на нивната менструација.

    „Една девојка, Амика Џорџ шокирана од резулатите, почна петиција и во период од две години ја натера Владата да примени нови закони, и од следната година Британија ќе стане првата земја во Европа која ќе овозможи бесплатни производи за менструална хигиена во сите училишта во земјата“, вели Малион.

    Малион рече дека за проектот во Ресен и во Тетово, сите ученици, вклучувајќи ги и момчињата, ќе научат нешто повеќе за менструацијата „за да ја зајакнеме пораката дека менструацијата е нормална и природна работа и е не е нешто од што треба да се срамат девојките“.

    „Сите девојки од овие училишта, околу 220, ќе добијат бесплатни производи. Се надеваме дека ова е само почеток и дека со дополнителна поддршка од други донатори, приватни компании и општини, ќе помогнеме да се прошири оваа иницијатива и во други градови и училишта во цела Северна Македонија, со што веќе ниедна девојка нема да пропушти да оди во училиште за време на нејзината менструација“, рече Малион.

    Доковска рече дека продолжува нивната борба со државните институции со барања да се намали данокот на средствата за лична хигиена, оти, како што вели тоа не е луксуз, и дека наскоро ќе почнат со поагресивна кампања.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира