Богдан Илиевски – Бетмен, еден од водачите на протестот на „За заедничка Македонија“ што го предводеше упадот на учесниците во протестот и насилниците во нивните редови на 27 април во Собранието, пред малку беше донесен на распит во Основниот суд Скопје 1.
Илиевски е приведен во акцијата на МВР по наредба на Основното јавно обвинителство за организиран криминал корупција, кое што утринава соопшти дека отворило истрага против 36 лица за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за кое што е предвидена казна затвор од најмалку 10 години. Обвинителстово побара притвор за сите 36 осомничени.
За Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски, тројцата водачи на „За заедничка Македонија“ МВР уште на 30 април побара од Скопското обвинителство под итно да бидат повикани на сослушување зашто се обезбедени докази дека биле организатори и водачи на нападот во Собранието на 27 април.
На 29 јули, Богдан Илиевски – Бетмен беше избран за нов член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно денеска, на распит во Кривичниот суд беа донесени поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и пратеникот Крсто Мукоски. Пред судот протестираат околу 200 граѓани, меѓу нив и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.