БИРН ОБЈАВИ БАЗА НА ПОДАТОЦИ ЗА ИМОТИТЕ НА МПЦ-ОА И ИСЛАМСКА ВЕРСКА ЗАЕДНИЦА

    БИРН ОБЈАВИ БАЗА НА ПОДАТОЦИ ЗА ИМОТИТЕ НА МПЦ-ОА И ИСЛАМСКА ВЕРСКА ЗАЕДНИЦАМПЦ-ОА е сопственик и на хотелот „Изгрев“ на Охридско Езеро (Фото: Фејсбук)

    Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) објави база на податоци која првпат дава увид во имотот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Исламската верска заедница (ИВЗ).

    Во базата се внесени 14.757 парчиња имот со кои располагаат МПЦ-ОА, поединечните цркви или нејзините епархии и 5.363 имоти на ИВЗ, нејзините муфтиства или локалните џамии. Македонската православна црква располага со 101 квадратен километар имот, а ИВЗ со 13 квадратни километри.

    МПЦ-ОА поседува околу една третина од планината Галичица и големи делови од македонската страна на Јабланица, додека најголемото земјиште на ИВЗ е на јужната падина на Водно. Над 80% од имотите на МПЦ-ОА се шуми, ливади и пасишта, односно околу 8.100 хектари, а ИВЗ располага со 3.200 хектари шуми. МПЦ-ОА има и 1.300 хектари земјоделско земјиште, додека ИВЗ 1.700 хектари.

    Станбениот простор во сопственост на МПЦ-ОА изнесува околу 140.000 квадратни метри, а на ИВЗ над 37.000 квадратни метри, што вклучува и станбени простори во нови објекти во Скопје, Битола, Тетово и други градови. Црквата има деловни простори во чаршиите во Скопје, Битола, Охрид и Прилеп, додека ИВЗ управува со пазарот во Дебар, трговски комплекс во Гостивар и со објекти во Струга, Тетово и Битола.

    МПЦ-ОА е сопственик на хотелите „Изгрев“ и „Бисер“ на Охридско Езеро, додека ИВЗ има апартман во хотелот „Парк Лејксајд“ во Охрид.

    Базата „Верски имоти под лупа“ е достапна јавно и има за цел да поттикне транспарентност и информираност кај јавноста за обемот и структурата на имотот на верските институции во земјава, велат од БИРН.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира