ДЕЦАТА ПОД ВОСПИТНИ МЕРКИ ШТО НАПРАВИЛЕ КРИВИЧНИ ДЕЛА ДОБИЈА НОВ ВП ДОМ, СИ ОДАТ ОД ЗАТВОРОТ

    ДЕЦАТА ПОД ВОСПИТНИ МЕРКИ ШТО НАПРАВИЛЕ КРИВИЧНИ ДЕЛА ДОБИЈА НОВ ВП ДОМ, СИ ОДАТ ОД ЗАТВОРОТСо години штитениците под воспитно-поправни мерки немаа образование во ВП Домови, а уште помалку занаетчиски работилници, што сега конечно ги добиваат. (Фото: Министерство за правда)

    Штитениците од Воспитно-поправниот дом „Тетово“, кои по конфликтот во 2001 година се селеа во Велес, па во Охрид, во субстандардни услови, без здравствена заштита, образование и ресоцијализација, се враќаат во Тетовско. По 19 години попречувано градење, конечно Домот е готов и личи на хотел.

    Од понеделник 20-тина штитеници, колку што се во моментов со изречени поправни мерки од судовите за малолетници, се селат во новиот објект. Досега тие беа во малолетничкиот затвор во Охрид, во ист објект со врсници сторители на тешки кривични дела.

    Воспитно поправниот дом се наоѓа на 16 хектари во село Волковија и е со капацитет од 110 лица. Ги има сите меѓународни стандарди за функционирање, работење и спроведување на воспитно-поправниот процес со целосно почитување на правата на децата.

    Вкупната вредност на изградбата изнесува над 4 милиони евра. Има три објекта за сместување во отворени одделенија и одделенија за засилен надзор, место класичната самица која е забранета за деца, а се користеше по тешки инциденти на поединци.

    Штитениците конечно ќе имаат човечна амбуланта за општа медицина и стоматологија. Со години немаа образование во ВП Дом, а уште помалку занаетчиски работилници, што сега конечно ги добиваат. Домот е ограден со безбедносна жичана ограда, шеталишта, има спортско игралиште за кошарка, мал фудбал и ракомет.

    Управата за извршување на санкциите во текот на овој месец успешно ја заврши иреконструкцијата на Затворот „Битола“, но и изградбата на најголемата судница во државата, како посебен објект во затворот „Идризово“, со пари од Европската унија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира