СТАРЕЕ СВЕТСКОТО НАСЕЛЕНИЕ, ДО 2050 ГОДИНА 15 ОТСТО ЌЕ БИДЕ НАД 60 ГОДИНИ

    СТАРЕЕ СВЕТСКОТО НАСЕЛЕНИЕ, ДО 2050 ГОДИНА 15 ОТСТО ЌЕ БИДЕ НАД 60 ГОДИНИГенералното собрание на Обединетите нации (ОН) го прогласи периодот 2021–2030 за Деценија на ОН за здраво стареење. (Фото: К. Попов)

    Нациите стареат бидејќи популацијата на постарите лица расте многу побрзо од вкупната популација, главно поради намалување на наталитетот и зголемување на животниот век, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), одбележувајќи го Интернационалниот ден на стари лица, кој беше на 1 октомври.

    Во земјите во развој, оваа демографска промена се одвива во рок од само две до три децении – компресирана во времетраење на една генерација. До 2050 година, се предвидува дека ќе има две милијарди луѓе на возраст од 60 години и постари, при што 80% од нив ќе живеат во земјите во развој.

    „И регионот е сведок на континуирано зголемување на бројот и процентот на постари лица. Во 2000 година имало околу 26,8 милиони лица на возраст од 60 години и постари (5,8% од вкупното население). Се предвидува дека до 2025 година овој удел ќе достигне 8,7%, а до 2050 година речиси 15% од вкупното население ќе биде на возраст од 60 години и повеќе“, стои во извештајот на ИЈЗ.

    Клучна стратегија, велат здравствените експерти, за олеснување на вклучувањето на постарите лица е да го направиме нашиот свет попријателски настроен кон постарите лица.

    „Светот, кој е пријателски настроен кон постарите лица, им овозможува на луѓето од сите возрасти активно да учествуваат во активностите на заедницата и се однесува кон сите со почит, без оглед на нивната возраст. Тоа е место кое им олеснува на постарите лица да останат поврзани со луѓето кои им се важни. И им помага на луѓето да останат здрави и активни дури и на најстарата возраст и им обезбедува соодветна поддршка на оние кои повеќе не можат да се грижат за себе“, вели ИЈЗ.

    Меѓународниот ден на старите лица оваа година се одбележа под мотото: „Нашите аспирации, нашата благосостојба, нашите права“.

    Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) го прогласи периодот 2021–2030 за Деценија на ОН за здраво стареење и побара од Светската здравствена организација (СЗО) да го води спроведувањето.

    „Физичките и социјалните средини можат директно да влијаат на здравјето или преку бариери или стимулации што влијаат на можностите, одлуките и здравственото однесување. Одржувањето здрави однесувања во текот на животот, особено јадењето балансирана исхрана, редовното практикување физичка активност и воздржувањето од употреба на тутун, придонесуваат за намалување на ризикот од незаразни болести, подобрување на физичките и менталните капацитети и одложување на зависноста од нега. Поддржувачките физички и социјални средини, исто така, им овозможуваат на луѓето да го прават она што им е важно, и покрај загубите на капацитет. Достапноста на безбедни и достапни јавни згради и транспорт, како и местата што лесно се движат, се примери за поддржувачки средини“, велат од ИЈЗ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира