ДРИСЛА НЕ СМЕЕ ДА СОГОРУВА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД КОГА ВО ЛИСИЧЕ Е ЗАГАДЕНО НАД ДОЗВОЛЕНОТО, НАРЕДИ ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА

    ДРИСЛА НЕ СМЕЕ ДА СОГОРУВА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД КОГА ВО ЛИСИЧЕ Е ЗАГАДЕНО НАД ДОЗВОЛЕНОТО, НАРЕДИ ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНАДрисла за свои потреби од лани мери и радиоактивност на сѐ што велегува на депонијата. Според овие извештаи што ги води Дрсила, од Државниот инспекторат за животна средина велат дека нема радијација. - Печката за согорување медицински отпад на Дрисла

    Скопската депонија Дрисла не смее да согорува медицински отпад кога се надминати праговите за алармирање на аерозагадувањето од мерната станица Лисиче. Забраната ја изрече Државниот инспекторат за животна средина по вонредниот инспeкциски надзор, кој го извршиле на први овој месец. Според решението на Инспекторатот ставено е и ограничување кога може да се согорува медицински отпад во инсенераторот, односно депонијата тоа може да го прави осум часа дневно во период од 7 до 19 часот.

    Во извештајот од инспекцискиот надзор стои дека вакво решение е донесено, бидејќи со мерењата на загадувачките материи од оџакот на печката за согорување медицински отпад во септември и октомври во септември утврдено е надминување на граничните вредности на загадувачки материи што се испуштаат во воздухот, и тоа евидентирани се надминувања на дозволените параметри за јаглерод моноксид, сулфур двооксид и честички прашина.

    „Поради ова надминување и повреда на законска одредба, Државниот инспекторат за животна средина поведе постапка согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух и Законот за животната средина за правното лице, а записникот е потпишан и прифатена е спогодбата која понатаму ќе ја води Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање. Паричните казни за ваков прекршок се движат од 10.000 до 25.000 евра“, вели Мирослав Богдановски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

    Во септември и октомври утврдено е надминување на граничните вредности на јаглерод моноксид, сулфур двооксид и прашина при согорување на медицинскиот отпад

    Од инспекторатот објаснуваат дека за време на надзорот печката за согорување медицински отпад не била во работен процес, а дека според евиденцијата на Дрисла отпад се согорува во две смени со капацитет од 250 килограми на час, или три тона дневно.

    „Дрисла има поставено и сопствена помала автоматска станица за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух. Од 2016 година за сопствени потреби Дрисла врши мерење на јонизирачко зрачење или радиоактивност на отпадот, што влегува и на разни делови на самата депонија. Записите за мерењата укажуваат дека мерењата се вршени на целата површина на депонијата Дрисла почнувајќи од влезот каде им се врши мерења за јонизирачки зрачење на одредени возила кои носат отпад, па завршувајќи на самото тло на депонијата каде е депониран отпадот. За извршените мерења ДРИСЛА води дневник за интерни потреба за јонизирачките мерења и истиот е достапен за увид на надлежните институции. Според овие извештаи нема радијација, односно нема надминување на граничните вредности за јонизирачко зрачење. Дополнително Дирекцијата за радијациона сигурност треба да направи контрола, бидејќи мерењето на јонизирачкото зрачење е во нејзина надлежност. Ние ги проверивме овие извештаи поради вознемиреноста на јавноста по изјавата на скопскиот градоначалник дека има сомнежи дека на депонијата има радиоактивен отпад “, вели Богдановски.

    Инспекторатот направил контрола и на канистрите кои на депонијата се носат од компанијата Кемет електроникс од ТИРЗ-Бунарџик, по поплака од граѓани дека се сомневаат дека на Дрисла се складираат опасни материјали.
    Богдановски вели дека при контролата е утврдено дека канистрите се празни и дека пластиката се уништува со компактирање на територијата на депонијата, а железниот отпад се носи на рециклирање.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира