ДРЖАВАТА ЌЕ ГИ ПОКРИВА И СУДСКИТЕ ТРОШОЦИ НА ГРАЃАНИ СО НИСКИ ПРИМАЊА, СТАПИ НА СИЛА НОВИОТ ЗАКОН ЗА БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ

    ДРЖАВАТА ЌЕ ГИ ПОКРИВА И СУДСКИТЕ ТРОШОЦИ НА ГРАЃАНИ СО НИСКИ ПРИМАЊА, СТАПИ НА СИЛА НОВИОТ ЗАКОН ЗА БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШНовина во Законот е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош. Досега не се покриваа судските такси, трошоци за вештачење и слично, што беше пречка за многумина да добијат заштита поради дополнителните трошоци; - Министерската за правда Рената Дескоска. (Фото: Влада на РСМ)

    Од денеска, финансиски немоќните ќе можат да добијат бесплатна правна помош, откако на сила стапи новиот Закон за бесплатна правна помош. Оние кои имаат потреба, може да се обратат до Министерството за правда и до неговите подрачни единици и да побараат да им се даде правна помош, односно да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од буџетот на Министерството.

    Новина во Законот е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош. Досега не се покриваа судските такси, трошоци за вештачење и слично, што беше пречка за многумина да добијат заштита поради дополнителните трошоци.

    „Овој закон придонесува кон градењето на владеењето на правото, но содржи и една хумана димензија која подразбира дека материјалните можности не смеат да бидат пречка за остварување на правата на граѓаните. Сега граѓаните ќе можат да ги остварат своите права пред судовите, пред управните органи, но и пред други државни органи како што се Уставниот суд, Народниот правобранител и други институции“, рече министерката за правда Рената Дескоска.

    Од Министерството очекуваат зголемен обем на барања за бесплатна правна помош, па поради тоа буџетот за оваа намена од 3 милиони денари е зголемен на 5 милиони денари.

    Бесплатна правна помош може да побараат:

    • Лице кое живее само и неговиот месечен приход да не е поголем од утврдената минимална плата.
    • Ако живее во семејство, вкупниот приход да не биде поголем од минимална плата зголемена за 20 отсто од минималната плата за секој член поеинечно. Тоа значи 12.500 денари плус 2.500 денари или вкупно 15.000 денари месечен приход ако се двочлено семество, или 17.500 денари за трочлено семејство, 20.000 за четиричлено семејство, итн.
    • Како приход не се смета надоместок за помош и нега од друго лице, родителски додаток за дете, детски и посебен додаток, додаток заради посебни потреби, надоместок на плата за скратено работно време.
    • Исто така, барателот на правна помош не треба да има повеќе од еден едностанбен објект или стан во зграда.
    • Да нема повеќе во сопственост од една или повеќе физички поврзани парцели со вкупна површина од 300 метри квадратни во Скопје, 500 метри квадратни во другите општини.
    • Едно моторно возило до 1.200 кубни сантиметри.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира