ЕКСДИРЕКТОРОТ НА СОЗР ПЕЦЕ МИРЧЕВСКИ ДОБИЛ НА КОРИСТЕЊЕ „ПАСАТ“ И „АУДИ КУ7“ ОД ФИРМА КОЈА ШТО ДОБИВАЛА ТЕНДЕРИ, ВЕЛАТ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    ЕКСДИРЕКТОРОТ НА СОЗР ПЕЦЕ МИРЧЕВСКИ ДОБИЛ НА КОРИСТЕЊЕ „ПАСАТ“ И „АУДИ КУ7“ ОД ФИРМА КОЈА ШТО ДОБИВАЛА ТЕНДЕРИ, ВЕЛАТ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТОПоради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоците во постапката, до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерка притвор за осомниченито Пеце Мирчевски. (Фото: Влада)

    Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) Пеце Мирчевски е осомничен за кривичните дела Примање поткуп и Проневера во службата и поради опасност од бегство, за него е побаран притвор, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје.

    Како што велат од обвинителството, тој во периодот од 09.06.2021 година до 13.06.2024 година, во повеќе наврати искористувајќи исти прилики, примил друга корист за себе и за својата сопруга за да изврши службено дејствие кое што не би смеело да го изврши.

    Во истрагата е осомничено уште едно лице, сопственик и управител на фирма, која што во пет наврати била избрана за пет јавни набавки.

    Од обвинителството велат дека Мирчевски требало да пријави постоење на судир на интереси и да се изземе од постапките за овие јавни набавки, бидејќи во тој период остварувал директна материјална корист за себе и за својата сопруга, како користење возила на фирмата за лични потреби.

    „Така тој за лични потреби и цели без надомест користел патничко моторно возило ‘Фолксваген пасат’, сопственост на фирмата, а неговата сопруга дополнително користела услуги за превоз со возила и возачи. Осомничениот и откако бил разрешен од функцијата директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, од фирмата сопственост на второпријавениот продолжил да остварува директна материјална корист за себе и за својата сопруга, па за лични потреби и цели, без надомест, продолжил да го користи патничкото моторно возило “Фолксваген пасат”, како и уште едно возило марка “Ауди Q8”, за што му е поведена скратена постапка и согласно ставот 3 на кривичното дело – Примање поткуп“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.

    Понатаму, велат од обвинителството, второосомничениот, во својство на сопственик и управител на правното лице, во повеќе наврати во период од три години, на службеното лице му давал друга корист за него и за друг за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши, односно да не се изземе од постапките и да ги потпише договорите за јавни набавки.

    „Во периодот од 01.01.2022 до 13.06.2024 година, во повеќе наврати, со намера да прибави за себе или за друг противправна имотна корист, осомничениот директор присвоил и пари во значителен износ од 1.792.859 денари. Имено, тој потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авио билети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство, во кои прикажувал невистинити податоци дека се работи за службени патувања и за службени потреби и цели и со тоа овозможил за себе и за други лица вработени во Службата да се стекнат со имотна корист и го оштетил Буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија за наведениот износ, со што е осомничен дека извршил проневера во службата“, велат од ОЈО Скопје.

    Исто така, велат од обвинителството, за првиот осомничен, поведена е скратена постапка и за кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 3 во врска со ставовите 2 и 1 од Кривичниот законик.

    „Во периодот од 27.10.2023 заклучно со 14.06.2024 година, во својство на директор и одговорен менаџер на Авио службата при Службата за општи и заеднички работи, тој несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа нанел штета на Буџетот на Република Северна Македонија во износ од 3.444.615 денари. Иако знаел дека пилотот вработен во Службата за општи и заеднички работи не ги исполнува условите за капетан – водач на воздухоплов, му овозможил на лицето да му биде исплаќан месечен надоместок по основ на плата за тоа работно место“, се вели во соопштението.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира