Јавно ги молам родителите, и младите и повозрасните, да ги вакциираат своите деца и да се спасуваат животи, рече денека министерот за здравство Фатмир Меџити, коментирајќи ја појавата на голема кашлица во земјава.
По отворањето на реновираната операциона сала на Клиниката за ортопедски болести, Меџити кажа дека од вчера е дадена наредба да се проверат сите вакцинални картони од бебиња и да се повикуваат граѓаните да ги вакцинираат децата.
„Крајно време да се смени менталниот склоп. Иднината на нашата држава се нашите деца. Секое вакцинирање значи спас на живот или утре тоа дете да не добие некоја болест. Затоа, ги повикувам родителите за доброто на нивните деца да ги вакцинираат и да ги превенираме ваквите појави“, кажа Меџити.
МИА вчера објави дека голема кашлица (пертусис), е потврдена кај шестмесечно бебе од Скопје на Детската клиника „Козле“, а според директорот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) три случаи на голема кашлица се евидентирани во 2023 од кои еден во декември, сите од Скопје.
Здравствените власти постојано апелираат дека е низок опфатот со вакцинација во земјава, односно, препорачаниот опфат над 95 отсто не е постигнат за ниту една вакцина во земјава. Регистрираниот опфат за примарната вакцинација е под 90 отсто за сите вакцини – хепатитис Б (ХепБ), хемофилус инфлуенца тип Б (ХиБ), ДиТеПер/ИПВ и МРП вакцината, како и вакцинацијата против ХПВ, која бележи најнизок опфат од сите вакцини.
Од 15 декември, почна новата кампања под мотото „Да не си играме со здравјето!“ на Министерството за здравство и УНИЦЕФ со поддршка од УСАИД, а ќе се спроведува во следните месеци низ земјата. Станува збор за продолжение на кампањата „Заштитени заедно – вакцините делуваат“ од почетокот на оваа година, во која се вклучија здравствените работници, педијатрите, лекарите од пунктовите за вакцинација и гинеколозите за да зборуваат за опасностите од одложување на вакцинацијата, како и за придобивките од рутинските вакцини во детството, како најефикасен начин да се заштити здравјето на децата.
Целта на кампањата е да ги потсети родителите и старателите дека кога се пропушта или одложува вакцинацијата, децата и заедниците се изложени на ризик од болести што може да се спречат со вакцина.
Б. НЕСТОРОСКА