По реакциите на матичните лекари дека нема доволно хартиени формулари ИЛ-образец, поради што одреден број пациенти се останати без матичен доктор, Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) воведе електронски избор. Ова е на сила од почетокот на неделава.
„Со воведување на оваа услуга им се олеснува работата на матичните лекари, но и на осигурениците кога имаат потреба за избор или промена на матичен лекар. Со воведување на оваа услуга матичните лекари веќе ќе немаат потреба да набавуваат ИЛ-обрасци во хартиена форма бидејќи услугата ќе им биде достапна постојано во електронска форма“, велат од ФЗО .
Со оваа новина, сите осигуреници можат да ја искористат оваа услуга при изборот, односно промената на матичниот лекар.
„Ова е позитивен чекор во однос на нашите барања за поголем број електронски услуги, отстранување на хартиените документи. Во пракса значи дека нема да одиме до Фондот за подигнуваме ИЛ-обрасци, ќе треба осигуреникот да потпише кај матичниот лекар или телефонски да потврди дека извршил негова промена“, вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватна лекари на Македонија (ЗПЛМ).
П. ПЕЧКОВ