ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ ЌЕ ОВОЗМОЖАТ УНИШТУВАЊЕ НА ПРИРОДАТА, 35 ОРГАНИЗАЦИИ БАРААТ ЈАВНА РАСПРАВА

    ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ ЌЕ ОВОЗМОЖАТ УНИШТУВАЊЕ НА ПРИРОДАТА, 35 ОРГАНИЗАЦИИ БАРААТ ЈАВНА РАСПРАВАСо измените на законот се дава можност земјоделското, шумското и крајбрежното земјиште во области вон населени места и вон плански опфати да се третира како градежно по автоматизам; - Дивоградбата во Лагадин. (Фото: Архивска фотографија)

    Урбанизацијата се дефинира сама по себе како дејност од јавен интерес во предложените измени на Законот за урбанистичко планирање, што ќе овозможи да се опустоши природата, велат 35 реномирани граѓански организации и бараат јавна расправа која како законска обврска на Министерството за транспорт и врски не е спроведена. Законот за шуми забранува копачење и трајна пренамена на шумите, освен под одредени услови, меѓу кои е и спроведување на дејности од јавен интерес. Со актуелниот закон не може да се уништи некоја шума за да се спроведе план/проект за урбанизација, но со предложените измени се отвара оваа врата, велат во јавното барањe организациите меѓу кои се и „Фронт 21/42“, „Геосфера-Битола“, Охрид СОС, О2 Иницијатива, „Здрава Котлина-Струмицa“, „Вила Зора-Велес“.

    Тие сметаат и дека е е недозволив пропуст на изготвувачот констатацијата во Нацрт-извештајот дека Законот нема да има никакво влијание врз животната средина.

    „Се овозможува реализација на донесените и започнатите општи акти за села, што исклучува спроведување на стратегиска проценка на влијанието врз животната средина. Во пракса, се овозможува урбанизација на селата во заштитените подрачја, без да се процени нејзиното влијание врз природата и животната средина и без да се информира и вклучи јавноста во ваквата проценка. Меѓу селата за кои се усвоени/започнати општи акти се и село Скудриње во Националниот парк Маврово, селата Лагадин, Љубаништа и Елшани во Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и други“, велат активистите за предложените измени.

    Исто така, велат активистите, се дава можност земјоделското, шумското и крајбрежното земјиште во области вон населени места и вон плански опфати да се третира како градежно по автоматизам, без да се спроведе процес на пренамена регулиран со специфичните закони за различните типови на земјиште. Се ускратува и оневозможува жалбениот механизам при одобрување на планските програми за урбанистичките планови, како и при одобрување на урбанистички проекти – наместо со решение (како поединечен акт) предвидено е овие програми и проекти да се одобруваат со потврда за заверка.

    Тие бараат Минстерството да организира најмалку една јавна расправа и овозможување дополнителни 10 дена по расправата за доставување коментари од јавноста.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира