Судскиот буџетски совет, предводен од претседателот на Судскиот совет судијата Александар Камбовски, пред Нова година донесе две одлуки – едната судиите во цела Македонија и членовите на Судскиот совет да се откажат од петте отсто додатоци и да им ги овозможат тие средства на стручните соработници и судската администрација, кои се околу 2.000 души.
По оваа одлука, Министерството за финансии испратило допис до претседателот Камбовски со која го известува дека нема пари ни за судиите, ни за нивните „десни раце“ – стручните соработници и стручната служба која е затрупана со предмети, опслужувајќи ги сите граѓани на Македонија.
Спротивно на уставно загарантираната самостојност и независност на третата, судската власт, на 5 јануари 2026 година, следствено на дописот од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Судскиот буџетски совет одржува нова седница, на која порекнува тоа што го изгласа пред 10 дена.
„Судскиот буџетски совет усвои Одлука за Одлука за необезбедување средства за исплата на додатоци на плата за месец декември 2025 година за судските службеници. Со оваа одлука се стави вон сила претходно донесената Одлука бр.02-1608/21 од 29.12.2025 година“, го попишмани судството министерката Димитриеска-Кочоска.
Нема пари ни за судиите, ни за стручните соработници и судската администрација.
На 29 декември, Судскиот буџетски совет изгласа: Обезбедување средства за исплата на додатоци на плата за месец декември 2025 година во висина од 5% за судските службеници и Одлука за необезбедување средства за исплата на додатоци на плата за месец декември 2025 година за судиите и членовите на Судскиот совет на РСМ (откажување од законски загарантираните 5 посто за судиите).
Но, разочарувањето за работничката класа во судството дојде брзо. Судскиот буџетски совет веќе во првата недела на јануари, дневниот ред го дополни со нова точка: Одлука за необезбедување средства за исплата на додатоци на плата за месец декември 2025 година за судските службеници.
„Одлуката беше усвоена поради известување од Министерството за финансии дека платата со пресметани додатоци во висина од 5% за судската администрација нема да се одобри и дека треба да се преработи без додатоци“, го стави Камбовски на веб страна одговорот на Министерството за финансии.
Работата заврши со ова, судијата Камбовски не излезе јавно да негодува и да се бори да ги добие средствата загарантирани со закон и со правилник.
С. К. ДЕЛЕВСКА



