Министерството за надворешни работи вели дека конкурсите за упатување во дипломатско-конзуларните претставништва се редовна пракса кои се споделуваат согласно прецизни процедури во реакцијата на обвинувањата на Синдикатот на македонската дипломатска служба дека дека МНР испраќа партиски кадри во дипломатско-конзуларни претставништва, а меѓу нив и лица кои учествувале во крвавите настани во Собранието од 27 април.
„Овој редовен повик е спроведен исто како и сите други редовни годишни повици. Избраните колеги за секоја од позициите се селектирани низ конкурентна процедура. Покрај разбирливата намера од поединци да се политизира секоја можна прилика, цениме дека е некоректно политичкото етикетирање на колеги кои во оваа и во бројни претходни прилики биле упатувани во дипломатско-конзуларните претставништва. Ова дотолку повеќе што лица кои денес реагираат биле претходно селектирани низ иста процедура за мандати во дипломатско-конзуларните претставништва“, се вели во реакцијата на МНР.
Дипломатскиот синдикат денеска соопшти дека раководството на Министерството за надворешни работи на заминување преку незаконски распишаниот конкурс од пред еден месец испраќа партиски кадри во дипломатско-конзуларни претставништва.
„Раководството на МНР не покажа доблест да ја прекине незаконски започнатата постапка, ниту во пресрет на формирањето на новата Влада. Напротив, побрза да си ја заврши постапката и да донесе одлуки за избор на преферирани кандидати, и тоа во петокот, на 19 мај, по завршување на работното време. Уште повеќе, за работа во одредени претставништва избра лица, кои учествувале во крвавите настани во Собранието од 27 април, а кои не само што не смеело да бидат избрани, туку против таквите морало да се поведе дисциплинска постапка, паралелно со постапката за кривично гонење“, се вели во соопштението на Дипломатскиот синдикат.