Актерката Тања Кочовска зборуваше за искуството со деменција на нејзината мајка Невена Кочовска, прочуената пејачка на составот „Мањифико“, на настанот „Да помагаме и почитуваме, а не да отфрламе“ посветен на болеста, во Кинотеката на Македонија во Скопје. Настанот се одржа по повод Меѓународниот ден на толеранција во организација на „Инер вил клуб Скопје“. Невена Кочовска, која почина лани на 25 август, долги години се бореше со деменција.
„Мајка ми до последно ги пееше песните кои ги пеела порано. Јас на пример кога сум пеела, ниту еден текст не знаев од почеток до крај. Мене мајка ми никогаш не ме заборави. Таа можеби не ме познаваше на почетокот. Но, ако почнев да ги правам работите кои секогаш сме ги правеле, од начинот на гушкање, до моментот кога само ќе ѝ кажев ‘мамо’, само ќе ме погледнеше. Ме познаваше оти секогаш ја бакнував во вратот, а таа не сакаше, и се смеевме за ова. Кога ќе ѝ кажев ‘мамо’, бело ќе ме погледнеше, ама кога ќе ја гушнев, само ќе ми кажеше ’мајкино’. Така што, мајка ми никогаш не ме заборави. Да не зборувам за пеењето. Музичката хармонија е математика. Мајка ми таа математика не ја заборави никогаш“, кажа Кочовска и додаде оти до крајот на животот, Невена Кочовска ѝ забележувала на неа или на колегите музичари ако пеат фалш.
„Тоа бил проблемот кај мајка ми, што поради неодложна турнеја ме оставила како бебе од четири месеци, во пелени, и повторно ме видела кога сум имала една година“, кажа Кочовска и додаде оти во тој период ја чувала нејзината тетка. „Мајка ми подоцна често повторуваше дека, ако не била тетка ми да ме држи за рака, таа немало да ме препознае кога повторно ме видела. Таа со таа мисла умре. Се објаснувавме дека имав среќно детство, и оти тоа што таа го направила е жртвата на професијата. Тогаш точно се знаело дека таа турнеја траела осум месеци, и не можела да се откаже. Цел живот за тоа се зборуваше, до крајот на животот за тоа плачеше, таа само на тоа мислеше“, рече Кочовска, која поради настинката дојде со маска, и неколкупати се расплака додека зборуваше за мајка ѝ.
На настанот се прикажа краткометражниот документарен филм „Деменција – еден месец во животот“. По филмот, на панел дискусијата покрај Кочовска зборуваа д-р Габриела Новотни, специјалист-невролог, д-р Анита Арсовска, специјалист-невролог и Драгица Русевска Христова, новинарка и авторка на книгата „Кога мама заборави дека ме сака“, а модераторка беше новинарката Ели Танасковска.
Кочовска кажа дека не ја познавала д-р Габриела Новотни, а таа ѝ помагала во секој момент.
„Сега тоа го прави и за татко ми кој боледува од Паркинсонова болест. Таа ни беше достапна во секое време, и на полноќ. Д-р Новотни никогаш не лаже, ја кажува вистината колку и да е сурова, на еден убав начин за да можеш да се соочиш со неа“, рече Кочовска.
Додаде дека кога мајка ѝ била жива и кога се слушала со пријателите од странство, тие се чуделе како во Македонија нема дневни центри за лицата со деменција во кои тие ќе претстојуваат за да им се олесни грижата на семејествата. Кочовска апелираше до државата дека медицината е она во кое треба најмногу да се инвестира.
И Русевска-Христова имаше емотивен говор како и Кочовска. Таа прочита извадоци од нејзината авторска книга во која раскажува како мајка ѝ за неа мислела дека е непозната жена која сака да ја нападне.
М. ЏАРОВСКА