Професорот Ѓорѓе Марјановиќ ги промовираше Копенхагенските критериуми како врвен приоритет на македонската држава во време кога тоа не беше официјално потврдено како вакви критериуми, рече претседателката на Македонија Гордана Силјановска-Давкова на конференција што се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Конференцијата ја организираше Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ по повод 85 години од раѓањето на професорот по кривично право.
Потсетувајќи на слоганот „Македонија, пристојно место за живеење“, што беше мотото на првата партија Лига за демократија што ја формираше професорот Марјановиќ уште во времето пред повеќепартизмот, претседателката рече: „Пристојно место за живеење е правната држава, заштитените права и слободи на граѓанинот, ограничената власт – силни институции, не силни поединци“.
Силјановска-Давкова како студентка на професорот, а потоа и професорка на истиот факултет рече дека „тој остана совест на мојот факултет и на општеството. Беше остар и во надворешната политика – не поднесуваше двојни стандарди кон македонскиот случај. Велеше дека ние паднавме на евротестот, но и тие паднале на евротестот. И на прашањето за името – тој укажуваше на апсурдноста на спорот. Но, и покрај тоа, никој не можеше да каже дека беше европесимист, туку укажуваше на европските вредности“.
„Не постоеше општествено и правно прашање за кое Марјановиќ немаше став, секогаш различен од останатите, бунтовен, не калкулираше, не правеше компромиси. Имаше чиста совест и кога критикуваше, употребуваше убав израз – драги душмани“, рече Силјановска-Давкова која се пофали дека е горда студентка на професорот Марјановиќ, а десетката што ѝ ја дал на испит ѝ е најомилената.
На конференцијата насловена „Разговори со Ѓорѓи Марјановиќ“ беа презентирани размислувања како одговор на прашањето „Како Македонија може да стане пристојно место за живеење“ и беа промовирани книгите „Собрани стручни трудови“ од Ѓорѓи Марјановиќ и „Разговори со професорот Ѓорѓи Марјановиќ“ од Бранко Секуловски. Промотори на книгите беа Гордан Калајџиев и Владимир Петрушевски-Фили.
Марјановиќ беше познат дисидент во времето на комунизмот кога професионално се ангажираше за слобода на уверувањето, совеста, мислата и нејзиното јавно изразување, покренувајќи го прашањето за укинување на некои тогаш мошне проблематични инкриминации како што беше вербалниот деликт. Тој почина во 2022 година. Речиси сиот работен век го поминал на Правниот факултет во Скопје, од асистент до редовен професор. Низ богатиот работен век професор Марјановиќ објави многу трудови и преведе светски дела меѓу кои и класиките на Марсел Пруст.