Отстранување тумори од белите дробови, без хируршка интервенција, од април ќе се прават на Клиниката за пуломологија и алергологија, каде ќе се воведе интервентна бронхоспија. Со воведување на криотехнологија за третман на пациентите со белодробни заболувања, Пулмологија ќе стане референт центар во регионот за овие интервенции.
Експерти од Германија од компанијата ЕРБЕ, која развива инструменти и апарати за електромедицина, денес оддржуваат работилница на Клиниката, каде ги обучат докторите да работат со апаратурата за интервентна бронхоскопија.
Оваа интервенција на Клиниката за пуломологија и алергологија ќе ја работат пет доктори, кои веќе биле на обуки во Детроит во САД, во Хамбург во Германија и во Љубљана во Словенија.
„По техничката обука како да се користат апаратите нашите доктори ќе можат самостојно да работат интервентна бронхоскопија, која освен поставување дијагноза може да се користи и за отстранување тумори во белодробното стебло“, вели проф.д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за алергологија и пулмологија.
Тој објасни дека биопсијата и остранувањето на туморот практично се прави со техника на замрзнување, односно заболеното ткиво се замрзнува и се вади.
„ Интервенцијата се состои во тоа што со бронхоскоп преку уста се влегува во белите дробови, а во самиот бронхоскоп има две сонди, од кои едната е криосонда. Преку неа се внесува јаглерод диоксид под притисок и кога гасот ќе дојде до белите дробови се ослободува притисокот, а бидејќи нему му треба температура ја зема од телото и го замрзнува делот што сакаме да го извадиме. Замрзнатото парче се лепи за бронхоскопот и се вади“, вели проф.д-р Докиќ.
Со криобиопсија се вади три пати поголем примерок за испитување, и според проф. Докиќ оваа техника на земање биопсија е подобра, бидејќи обезбедува доволно материјал за да да се направи хистопатолошкото испитување. Со криореканализација се отстрануваат малигни или бенигни тумори, како и цврсти тела кои во белите дробови се внесени со вдишување, односно во случаите кога децата ќе вдишат копче, или некој друг цврт предмет.
„ Ако туморот не е излезен од белодробното стебло може да се извади со оваа техника, додека ако е излезен надвор во ткивата, не може. Оваа нехируршка интервенција е многу значајна, бидејќи досега пациентите буквало со гушење умираа, или пак ги оперираа со отворање на граден кош. Сега тоа се избегнува“, вели проф. Докиќ.
Апаратурата за интервентна бронхоскопија компанијата ЕРБЕ одреден период ќе ја даде на користење на Клиниката, односно таа ќе остане на Пулмологија по завршување на презентацијата, а проф. Докиќ вели дека потоа ќе обезбедат и средства за да ја набават.
Е.БОЧВАРОСКА