Националното биро за осигурување (НБО) вели дека поскапувањето на цената на полисата за задолжителното авто осигурување за 15 отсто се должи на актуелните пазарни услови, или поконкретно: континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, порастот на цената на резервните делови, порастот на платите и постојаната голема инфлациона тенденција.
Истовремено, велат од НБО, цената за осигурување од автомобилска одговорност не е променета веќе 15 години и е единствената категорија во Македонија која не претрпела зголемување на цена, додавајќи дека цената на осигурување од автоодговорност во Македонија е најниска во регионот.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи денеска во реакција својата официјална Фејсбук страница ја осуди едностраната одлука на осигурителните компании за зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила и рече дека тарифникот со тие зголемувања двапати е доставен до Владата и двапати не е одобрен на владина седница.
- ДЛАБОКАТА ДРЖАВА ЈА ЗГОЛЕМИ ЦЕНАТА НА ОСИГУРУВАЊЕТО ЗА РЕГИСТРАЦИЈА НА КОЛИ, ВЕЛИ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БИТИЌИ
- ПОСКАПЕ ОСИГУРУВАЊЕТО ЗА РЕГИСТРАЦИЈА НА ВОЗИЛАТА ЗА 15 ОТСТО
Од НБО велат дека се работи за европски компании кои одлуките ги носат врз основа на сериозни повеќегодишни анализи, кои покажуваат дека, како што велат оттаму, бизнисот за осигурување на автоодговорност е неодржлив со сегашните цени.
„Порастот на цената е предизвикан од континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, порастот на цената на резервните делови, порастот на платите и постојаната голема инфлациона тенденција. Општиот пораст на цените од 2008 до 2023 година изнесува 61,56 отсто. Истовремено цената за осигурување од автомобилска одговорност не е променета веќе 15 години и е единствената категорија во нашата земја која не претрпела зголемување на цена“, велат од НБО.
Од НБО сметаат дека претходната цена на задолжителното авто осигурување била непазарна, прениска, меѓу најниските во регионот, непроменета уште од 2008 година и велат дека ја доведува во прашање исплатливоста на работењето на осигурителните компании во оваа класа, делувајќи демотивирачки на понудата на оваа полиса.
„Без поскапувањето овој бизнис е неодржлив и ќе биде полека напуштен од страна на осигурителните компании. Финансиските институции имаат обврска да работат по строго дефинирани одржливи параметри, со цел зајакнување на стабилноста на финансискиот систем“, велат од НБО.
Во Националното биро за осигурување членуваат единаесет осигурителни друштва.