Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека говедата кои слободно се шетаат низ Крива Паланка не можат инстантно да се соберат и ја обвини Општина Крива Паланка и градоначалникот Сашо Митовски дека одбиваат да соработуваат за решавање на проблемот.
„Говедата ниту се размножија во толку голем број за година и половина, ниту може инстантно да се соберат, во услови кога со Агенцијата не соработува Општината која е подеднакво одговорна за решавање на проблемот. Како одговорна институција, во интерес на граѓаните на Крива Паланка и околните села, го повикуваме Митовски конечно да почне да го почитува законот и да соработува со Агенцијата, за трајно решение на реалниот проблем со кој се соочуваат жителите од овој крај. Агенцијата за храна и ветеринарство и во наредниот период ќе продолжи со активности за собирање на животните во интерес на граѓаните на Општина Крива Паланка“, велат од АХВ.
Според институцијата, Општината е подеднакво одговорна за состојбата со која жителите се соочуваат веќе 15 години. АХВ упати јавен повик до градоначалникот Сашо Митовски да ги почитува законските обврски и да овозможи заедничко дејствување за заштита на имотите на граѓаните во селата Трново, Добровница, Узем, Кркља, Варовиште, Дрење и Станци.
Реакцијата на Агенцијата доаѓа по вчерашниот протест на жителите од овој крај пред општинската зграда. Поддршка на протестот даде и градоначалникот на Крива Паланка, Сашо Митовски, кој заедно со локалната самоуправа се приклучи на барањата на граѓаните.
Истражувањето на БИРН од декември откри дека државата формално ги одзела животните од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и неговите три ќерки уште пред една и пол година, по измените на Законот за благосостојба на животните. Сепак, Агенцијата за храна и ветеринарство е сопственик на добитокот само во документацијата, додека на терен ситуацијата е непроменета и кравите и понатаму лутаат без надзор низ планинските предели, често преминувајќи ја и државната граница.



