НЕМА КОЈ ДА ПРЕДАВА МАТЕМАТИКА, ФИЗИКА И ХЕМИЈА ВО ШКОЛИТЕ

Во некои од училиштата се ангажирани студенти на работна позиција – наставник, но има и примери каде учениците губат од наставата бидејќи не може да се најде соодветен работник ниту студент кој студира на наставниот предмет, вели Томислав Гиевски од Независниот синдикат за образование.

    НЕМА КОЈ ДА ПРЕДАВА МАТЕМАТИКА, ФИЗИКА И ХЕМИЈА ВО ШКОЛИТЕНема доволно интерес кај младите да ги студираат овие области и затоа нема доволно кадри. (Фото: К. Попов)

    Недостасуваат наставници по физика, математика, хемија, информатика и по странските јазици кои се проучуваат во училиштата, апелира Независниот синдикат за образование и наука (НСОН). По социјалните мрежи често се шират апели дека во училиштата нема наставници по овие предмети и се повикуваат студенти да се пријават.

    Според претседателот на НСОН, Томислав Гиевски, проблемот со недостаток на кадар датира уште пред една деценија, порано се случуваше во руралните средини, но во последните години тој проблем се појави и во училиштата во градските населби.

    „Овој проблем се должи на лошите работнички права со кои се соочуваат вработените во секторот образование, односно да бидеме попрецизни, од ниската потпросечна плата која ја добиваат наставниците како високообразовани работници како и неповолните закони и колективни договори. Друг сериозен проблем кој го намалува интересот за работа во образовните институции е високиот степен на партизација, односно влијанието на политиката директно во училиштата преку раководните органи кои се избираат преку центрите на политичка моќ. Голем дел од младите ја одбегнуваат професијата наставник бидејќи сакаат сигурност, пристојна плата и независност и токму тоа е главната причина за недостаток на кадар“, вели Гиевски.

    За тоа дека се повикуваат студенти да се пријават, Гиевски вели дека работниците во образование се ангажираат преку јавни огласи. Ако двапати по ред на јавен оглас не се пријави соодветен работник, училиштето може да заснова работен однос до крајот на учебната година со лице кое не е со соодветно образование, односно студент кој сѐ уште нема дипломирано. Во некои од училиштата се ангажирани студенти на работна позиција – наставник, но има и примери каде учениците губат од наставата бидејќи не може да се најде соодветен работник ниту студент кој студира на наставниот предмет.

    „Голем дел од младите ја одбегнуваат професијата наставник бидејќи сакаат сигурност, пристојна плата и независност и токму тоа е главната причина за недостаток на кадар“, вели Томислав Гиевски. (Фото: НСОН)

    „За овој сериозен проблем, ние како Независен синдикат алармиравме во повеќе наврати во последниве 5 години со дописи, прес-конференции и протести, јавно ги изнесовме проблемите кој настануваат како резултат на погазувањето и непочитувањето на правата на просветните работници. Доколку истото во континуитет продолжи, предвидуваме дека проблемот со недостаток на кадар сѐ повеќе ќе се зголемува, а кризата ќе се продлабочува. Очекуваме ресорното министерство сериозно да го сфати проблемот и сериозно да пристапи на негово решавање“, рече Гиевски.

    Од Министерството за образование и наука (МОН) се согласуваат дека со години земјата се соочува со недостиг на наставен кадар по математика, хемија, физика. Велат, нема доволен интерес кај младите да ги избираат високообразовните установи кои нудат студиски програми во овие области и поради тоа не се продуцираат доволно кадри кои би требало да ги преземаат позициите на веќе ангажираниот кадар во училиштата кој секако, кога-тогаш заминува во пензија и мора некој да го наследи.

    „Се трудиме да ги стимулираме младите да ги избираат овие области и да се занимаваат професионално во рамки на истите. За тоа е потребно подигнување на личната мотивација, интерес и желба. А тоа се постигнува преку модернизација на наставата по овие, но и по сите останати предмети, во основното и средното образование. И затоа, работиме и ќе продолжиме да работиме на подобрување на содржините во наставните програми и во учебниците, обучување на наставниците заради поголема креативност при предавањето на материјата која ќе ги заинтригира младите, доделување парични награди за освоени високи места (од прво до трето место) на меѓународни натпревари по математика и природни науки (хемија, физика и биологија), парични награди за освоени медали на меѓународни научни олимпијади меѓу кои и за математика, физика, хемија. Неодамна е отворена и специјализирана Математичка гимназија каде се запишуваат исклучително талентирани ученици од овие области“, ни рекоа од МОН.

    Оттаму велат дека Министерството доделува стипендии за студенти кои се запишани или ќе се запишат на студиските програми по математика, физика и хемија и ќе остварат просечен успех од минимум 7,00 во текот на претходното образование на соодветната високообразовна установа. Тоа се највисоките стипендии кои ги доделува МОН за студирање на домашните високообразовни установи и изнесуваат 300 евра на месечно ниво.

    „Така што, се надеваме дека постепено состојбите ќе се вратат во рамки на нормалата и ќе обезбедиме еден оптимален број на наставници по овие предмети заради задоволување на потребите во сите општини и училишта“, велат од Министерството за образование.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира