Судијата од Основниот кривичен суд Скопје Ненад Савески е предлогот на Владата за нов Државен јавен обвинител, гласаа министрите на денешната седница.
Овој предлог Владата ќе го поднесе пред Собранието кое со просто мнозинство треба да го изгласа.
Конкурентки на Савески му беа обвинителките Ленче Ристоска која премиерот Христијан Мицкоски веднаш ја дисквалификуваше без расправа на Влада, потоа Лидија Раичевиќ и в.д . државната обвинителка Анита Тополова-Исајловска, која е член на Републичкото јавно обвинителство.
Портпаролката на Владата Марија Митева кажа дека Савески е утврден како предлог за нов обвинител по темелна и конструктивна расправа на денешната седница. Откако ја кажа неговата биографија, во која стои дека кандидатот беше и јавен обвинител, доаѓа од Академијата за судии и јавни обвинители, експерт е на ОБСЕ, предавач, суди сложени предмети, има голем број меѓународни обуки, објава на трудови, учество во изработка на реформски закони, таа рече дека Владата очекува со неговиот избор и менаџирање, Обвинителството да го подигне својот низок рејтинг и доберба во јавноста.
С. К. ДЕЛЕВСКА



