На судењето за родилката што почина во гевгелиската болница на 22 октомври 2015 година, обвинетиот анестезиологот Томче Ванчев изјави дека апаратите за анестезиологија стоеле со години неупотребени.
Тој даваше исказ на рочиште во Основниот суд Велес . За смртта на родилката Маја Кадиева, покрај анестезиологот Ванчев обвинетите се и гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов. Тие се судат за кривичното дело ,,тешки дела против здравјето на луѓето“.
„Имавме проблем со апаратот за анестезија. Тој беше добиен како подарок од Италија, такви апарати има во повеќе здравствени институции во земјава, но никаде не проработеа, освен еден во некоја од клиниките во Скопје“, изјави пред судот анестезиологот Ванчев.
Тој раскажа дека летото пред да се случи настанот со родилката, тогашниот министер Никола Тодоров бил во гевгелиската Болница при што Ванчев му кажал дека апаратот не работел. „Тодоров испрати во два наврати комисија од инженери, мајстори, но апаратот не проработе. Не дознавме што беше проблемот. Со години стоеше во хирушката сала прекриен и неупотребен“, рече докоторот на судењето.
Тој се пожали дека иако во повеќе наврати барал трет доктор анестезиолог во гевгелиската Болница, таков специјалист не дошол.
Дента кога починала родилката имал шест операции од 9 до 15 часот, а вечерта во 19 часот имал закажано породување со царски рез на сега починатата Кадиева.
Тој негираше дека попладнето пиел алкохол, иако обвинителот тврди дека вечерта дошол пијан на работа.