Вангелина Пармачка од беровското село Будинарци е избрана меѓу „100 жени херои во агро-прехранбените системи и руралниот развој“ на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Таа ја претстави Македонија на Светскиот форум за храна во Рим, каде што доби признание во седиштето на ФАО.
Во Будинарци, Вангелина заедно со своето семејство управува со фарма со околу 600 овци и произведува традиционално овчо сирење. Таа секојдневно е вклучена во грижата за животните, производството и во пласманот на производите.
„Ова е благодарна професија, од која може чесно да се живее. Горда сум што сум земјоделка и што со заедничка работа ја обезбедуваме егзистенцијата на нашето семејство“, вели Пармачка.
Како членка на Управниот одбор и координаторка на Мрежата на жени фармери при Националната федерација на фармери, таа се залага за поголемо признавање на трудот на руралните жени, посилни права и за подобри услови за работа и живот.
Иницијативата на ФАО се реализира во рамките на Меѓународната година на земјоделка, прогласена од Обединетите нации.




